08.10.2025 Скопје
Нападите со беспилотни летала врз Киев и појавата на рој беспилотни летала над територијата на Полска во септември 2025 година повторно ја истакнаа заканата што ја претставува брзиот напредок на автономните и беспилотните летала.
Дроновите им даваат единствена предност на војските ширум светот. Тие можат да се произведуваат брзо и да летаат ниско за да се избегне откривање од радар. Од една страна, тие се евтини за производство, користени се во големи конфликти како што е војната меѓу Русија и Украина, а од друга страна, работата на одбраната од нив постојано заостанува зад развојот на беспилотните летала.
„Производството на беспилотни летала има предност, така што процесот на развој на одбрана од беспилотни летала сè уште е во фаза на стигнување“, потврдува Кристофер Адамс, виш аналитичар за безбедност и технологија во американскиот тинк-тенк РАНД.
Сепак, постојат методи за одбрана од дронови, при што секој има свои предности, но и ризици.
Како беспилотни летала, дроновите се потпираат на електронски системи за да функционираат и често се контролирани со радиофреквентни сигнали. Омилени техники за неутрализирање на тие беспилотни летала се таканареченото „spufing”, како и попречување на сигналот.
„Spufing” значи испраќање лажни радио сигнали до беспилотното летало со цел да се наведе на погрешен пат, а попречувањето на сигналот значи прекинување на комуникацијата со базата од која се контролира беспилотното летало, односно неговото дејствување.
Но, војските наоѓаат нови начини да се спротивстават на тие методи на нарушување. „Сè повеќе, беспилотните летала работат автономно. Внесувате податоци за целта, ја програмирате патеката на летот и тој може сам да лета до целта“, објаснува Маркус Милер, раководител на одделот за видео системи во германскиот институт Фраунхофер за оптроника, системски технологии и експлоатација на слики.
Во такви случаи, кога нема радиофреквентен сигнал кој би можел да се попречува, за одбрана се користат и конвенционални методи, како што се ракети земја-воздух или воздух-воздух.
Системите против беспилотни летала, како што е на пример „Скај Ренџер“ на германската компанија Рајнметал, веќе се користат во Украина, каде што беа испратени како помош. Многу други производители на оружје нудат слични технологии.
Милер споменува и „камикази“ системи на дронови, кои се забиваат во непријателски летала, како и енергетски топови кои користат моќни ласери или микробранови за да ја уништат целта или да ја изгорат електрониката на беспилотното летало во лет.
Сепак, оружјето што соборува беспилотни летала обично е повеќекратно поскапо од самите беспилотни летала.
„Факт е дека одбраната е обично поскапа од нападот“, вели Доминика Кунертова, истражувач во областа на безбедносни студии во американскиот Центар за наука и меѓународни работи Белфер.
Додека еден дрон може да чини најмногу неколку стотици илјади долари, една ракета може да вреди неколку милиони. Во еден момент, Украина користеше картонски беспилотни летала произведени во Австралија за да напаѓа руски цели.
Во исто време, бранителите мора да се грижат и за безбедноста на цивилите. Истрелувањето ракети или користењето ласери со голема моќност во градовите може да ги загрози животите на луѓето. Исто така, соборените беспилотни летала можат да паднат врз цивили или инфраструктура.
Брзината со која се произведуваат беспилотните летала, исто така, претставува предизвик за одбраната.
„Развојот на употребата на дронови, и во однос на квантитетот и во однос на квалитетот, беше неверојатно брз. И тоа е голем предизвик“, истакнува Кунертова.
Аналитичарите нагласуваат дека инвестициите во одбраната треба да бидат приоритет за владите, особено за членките на НАТО во Европа.
Кунертова, која спроведе неколку анализи за употребата на дронови во војната меѓу Русија и Украина, посочува дека Русија е далеку понапред во развојот на беспилотни летала и контрамерки против украинските беспилотни летала.
Спротивно на тоа, ЕУ, според неа, „не вложуваат доволно труд во контрамерки, во одбрана од заканата од беспилотни летала“.
„Би сакала да видам повеќе иницијативи и поинтензивни напори за борба против заканите од беспилотни летала, наместо сите да се возбудуваат за новите офанзивни способности што ги нудат малите дронови”, вели таа.
Со оглед на предноста на дроновите во однос на контрамерките, изградбата на повеќеслоен одбранбен систем – кој би комбинирал радио попречување, конвенционална муниција и ласерска или микробранова технологија – би можела да биде прагматичен пат нанапред.
„Ниеден уред нема целосно да ве заштити“, заклучува Доминика Кунертова. „Најдобрата одбрана е слоевита одбрана – слој на детектори и слој на системи за неутрализација“.
Подготвено од М.Д.