15.10.2025 Скопје
Болниците ширум светот забележале загрижувачки пораст на вообичаени инфекции кои станале отпорни на антибиотици, открива Глобалниот извештај за следење на отпорноста на антибиотици на Светската здравствена организација (СЗО), кој содржи податоци за повеќе од 23 милиони бактериски инфекции од 104 земји.
Докторите предупредуваат дека бројот на смртни случаи предизвикани од резистенција на лекови драматично ќе порасне во следните години.
Во 2023 година, една од шест лабораториски потврдени бактериски инфекции била отпорна на антибиотски третман, а податоците покажуваат дека повеќе од 40 отсто од антибиотиците ја изгубиле својата ефикасност против чести инфекции на крвта, дигестивниот систем, уринарниот тракт и сексуално преносливи заболувања во периодот од 2018 до 2023 година.
Проблемот бил најизразен во земјите со ниски и средни приходи и во оние со послаби здравствени системи.
„Овие наоди се длабоко загрижувачки. Како што отпорноста на антибиотици продолжува да расте, ние остануваме без опции за третман и ги доведуваме во ризик човечките животи, посебно во земјите каде што превенцијата и контролата на инфекции се слаби, а пристапот до дијагностика и ефикасни лекови е веќе ограничен“, изјави д-р Иван Хутин, директор на одделот за антимикробна отпорност при СЗО.
Врз основа на собраните податоци, СЗО проценува дека во 2023 година една од три бактериски инфекции во југоисточна Азија и источниот Медитеран била отпорна на антибиотици, а во Африка – една од пет.
Антимикробната отпорност (АМР) се јавува кога патогените микроорганизми се развиваат така што стануваат отпорни на лековите што треба да ги уништат.
Во 2021 година, 7,7 милиони луѓе во светот починале од бактериски инфекции. Резистенцијата на лекови придонела за 4,71 милиони од тие смртни случаи, а 1,14 милиони биле директно предизвикани од неа.
Извештајот изразува сериозна загриженост за бактериите како Escherichia coli и Klebsiella pneumoniae, кои предизвикуваат некои од најтешките бактериски инфекции што често водат до сепса, откажување на органи и смрт.
Хутин изјави дека 40 отсто од Escherichia coli и повеќе од 55 oтсто од Klebsiella pneumoniae, се отпорни на третата генерација на цефалоспорини, првиот избор на третман за вакви инфекции.
Рационално да се користат антибиотиците
Д-р Дугаѓин Османи, националниот кординатор за антимикробна резистенција од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ, предупреди дека антимикробна резистентност сè повеќе зема замав и кај нас и во Европа и во светот.
„Се смета дека до 2030 година, таа може да е главна причина за смрт на светско ниво. Затоа, неопходно е рационално користење на антибиотици, за да не дава шанса да се создава отпорност на антибиотици. Според некои студии, потрошувачката на антибиотици во Македонија е на високо ниво споредено со ЕУ. Треба во болничките установи треба да има комитет сочинет од експерти – клинички доктор, фармаколог, микробиолог, кои би правеле таргет на антибиотици кои треба да се употребат при различни дијагнози. Треба да се изготват водичи за рационална употреба на антибиотици“, рече д-р Османи.
Подготвено од М.Д.