viza_be_eurova_evropa-600x347

08.10.2025 Скопје

Со 518 гласови „за“, 96 „против“ и 24 „воздржани“, Европскиот парламент ги поддржа модификациите на Механизмот на ЕУ за суспензија на визите. Овие измени ја олеснуваат процедурата за укинување на безвизниот режим за патување во Унијата за граѓани на држави кои претставуваат ризик по безбедноста или ги прекршуваат човековите права.

Механизмот на ЕУ за суспензија на визите вклучува 61 земја, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија. Државјаните на овие земји можат да патуваат во земјите од Шенген зоната без виза за престој до 90 дена.

Модификациите на Механизмот ќе и дозволат на Европската комисија повторно да воведе визен режим за одредена земја од безбедносни причини, како што се закани по внатрешната безбедност, вклучително и пораст на сериозни кривични дела извршени од граѓани на засегнатата земја, како и значително зголемување на бројот на барања за азил или прекршувања на правилата за престој од страна на нејзините граѓани.

Освен постоечките причини за суспензија на визниот режим, со овие измени се воведуваат и нови основи, како што се хибридни закани, инструментализација на мигранти, постоење шеми за издавање државјанства на инвеститори кои би можеле да предизвикаат безбедносни проблеми, неусогласеност со визната политика на ЕУ, кршење на човековите права или хуманитарното право, како и непочитување на одлуки на меѓународните судови. Дополнително, на ЕУ и се дава можност за суспензија на безвизниот режим за владини службеници или лица одговорни за кршење на човековите права или за други прекршувања од страна на властите.

Одлуката за суспензија на визниот режим е првично привремена, но ако во даден временски период не се отстранат причините за нејзино воведување, таа може да стане трајна.

Останува измените на Механизмот за суспензија на визите да бидат одобрени и од Советот на ЕУ, по што ќе стапат во сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на Европската Унија.

Подготвено од М.Д.

About Author