30.10.2025 Скопје
Германскиот канцелар Фридрих Мерц упати силен повик до Европската Унија и Германија да направат „голем исчекор“ во зајакнувањето на технолошката конкурентност, со цел повторно да станат глобални лидери во иновациите и развојот.
Не смееме да дозволиме САД и Кина сами да ја определуваат технолошката иднина, тоа е прашање на нашата благосостојба, безбедност и, на крај, слобода – изјави Мерц во Берлин, на претставувањето на владината „Високотехнолошка агенда“, документ што ја поставува основата за новата насока на германската и европската технолошка политика.
Мерц потенцираше дека ЕУ отсекогаш успевала да создава подобра иднина за своите граѓани, но дека последните години ја изгубила динамиката.
Во последно време станавме премногу самодоволни. Тоа може и мора да се поправи – рече германскиот канцелар.
Тој предупреди дека светот влегува во нова фаза на судир помеѓу авторитарни и либерални држави, а технолошката зависност од други земји може да стане сериозна закана за европската безбедност.
Сведоци сме на еднострани зависности кои се користат како политички инструмент во борбата за моќ – додаде Мерц.
Со новата „Високотехнолошка агенда“, германската влада планира да издвојува најмалку 3,5% од БДП за истражување и развој до 2030 година, со цел повторно да ја врати позицијата на земјата како водечки глобален центар на иновации.
Мерц најави дека Германија ќе се фокусира на шест клучни технологии: вештачка интелигенција, квантна технологија, микроелектроника, биотехнологија, фузија и производство на енергија без емисии, како и технологии за климатски неутрална мобилност.
Ако сакаме да бидеме водечка технолошка нација, мора да воспоставиме вистинска соработка меѓу индустријата и науката – додаде Мерц.
Подготвено од М.Д.