10.10.2025 Скопје
Процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија е во стагнација со години. Сега треба да се започне со конкретни иницијативи, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
„Од моја перспектива, во наредните години имаме временски прозорец за време на мандатот на Европската комисија и Европскиот парламент, кој мора да го искористиме“, рече политичарот на конференција за Западен Балкан во четврток во Белфаст.
Петгодишните мандати на Комисијата и Парламентот траат до 2029 година.
Од една страна, постои голема надеж во земјите од Западен Балкан, „а од друга страна, постои голем страв дека на крајот тоа ќе биде бесконечен процес што нема да доведе до никаков резултат“, рече Вадефул.
Берлинскиот процес, додаде тој, може да биде катализатор за приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
Сегашното претседателство со овој формат, кој беше започнат во 2014 година од тогашната канцеларка Ангела Меркел, го држи Велика Британија.
Сега е потребно да се развијат конкретни иницијативи, „бидејќи пристапувањето на овие земји не смее да се случи некогаш во иднина, туку мора да се случи во догледна иднина“, изјави министерот.
Во оваа смисла, земјите од регионот се охрабрени да се реформираат.
По разговорите на конференцијата во Белфаст, тој изрази верување дека, со соодветна волја од двете страни, наскоро може да се постигне резултат.
Во ЕУ расте загриженоста дека земјите од Западен Балкан сè повеќе се отвораат кон Русија и Кина.
Црна Гора се смета за најнапредната земја во процесот на пристапување кон ЕУ, но датумот на пристапување не е на повидок.
Подготвено од М.Д.