large-1500x1000

31.10.2025 Скопје

По повод четиридецениското постоење на Шенген зоната, Европската Унија преку иницијативата „Откриј ја ЕУ“ нуди посебна прилика за 40,000 млади луѓе да ја разгледаат Европа, изјави денес претставничката за медиуми на Европската комисија, Ана-Кајза Итконен.

“ЕУ нуди 40,000 бесплатни билети за млади луѓе родени помеѓу 1 јануари и 31 декември 2007 година, а процесот на аплицирање е многу едноставен.”

Таа додаде дека за аплицирање, младите луѓе “само треба да пополнат краток онлајн квиз на Европскиот младински портал.”

Итконен посочи дека веб страницата за регистрација за конкурсот е активна од денес на пладне и заинтересираните 18-годишници ќе можат да се регистрираат до 12 часот на 13 ноември 2025 година. Право на учество на конкурсот имаат млади лица од земјите членки на ЕУ и од државите вклучени во програмата Еразмус+, вклучувајќи ги и македонските државјани.

“Избраните кандидати ќе имаат можност да патуваат бесплатно во траење до 30 дена, помеѓу 1 март 2026 и 31 мај 2027 година, при што ќе добијат и картичка за попуст за јавен превоз, културни содржини, сместување, храна, спортски активности и други услуги во 36 европски земји”, потенцираше Итконен.

Според неа, лицата што ќе ги добијат овие бесплатни билети ќе можат самостојно да ги креираат своите патни рути или да се приклучат кон некоја од организираните европски рути, како онаа на програмата „Баухаус“, која вклучува посети на „прекрасни, одржливи и инклузивни градови“ или на онаа низ градовите добитници на наградата „Европска зелена престолнина“.

На добитниците на билети со инвалидитет или здравствени предизвици ќе им биде овозможено да бидат придружувани од други лица за време на патувањето.

Од започнувањето на оваа програма во 2018 година, ЕУ има обезбедено 391,000 билети за патување, со што им овозможи на младите од цела Европа да патуваат низ континентот, подобро да се запознаат со другите култури и европската историја и да ги усовршат своите јазични способности.

Подготвено од М.Д.

About Author