08.10.2025 Скопје
Европската Комисија пронашла начин како да го заобиколи ветото на Будимпешта за почетокот на преговорите на Украина со ЕУ. Украина и Молдавија веројатно ќе отворат „технички“ преговори.
Европската унија се подготвува да ја започне техничката работа за пристапување на Украина и Молдавија, иако Унгарија продолжува да ги блокира преговорите, велат официјални лица запознаени со процесот.
Украина аплицираше за членство во 2022 година, неколку недели по руската инвазија, а веднаш потоа и Молдавија. Двете земји формално ги започнаа преговорите минатата година, но Унгарија се противи на следниот чекор, за која е потребна едногласна одлука на 27-те членки за отворање на т.н. „поглавја“ за усогласување на нивното законодавство со правилата на ЕУ.
Слична судбина има и Република Северна Македонија која неколку години не можеше да ги отвори преговорите поради блокадата од соседна Бугарија.
Но, во случајот на Украина и Молдавија, Европската комисија предложи промена на сопствените правила за да го заобиколи ветото на унгарскиот премиер Виктор Орбан, започнувајќи техничка работа во неколку „кластери“ и без формална одлука за отворање преговори, велат официјалните лица.
Лидерите на ЕУ ќе го разгледаат ова прашање на средбата во Копенхаген во среда (01.10.2025), а веќе в четврток ќе им се придружат и лидери од соседните земји, вклучително и Украина и Молдавија.
Заменик-премиерот на Украина за европска интеграција, Тарас Качка, рече дека Киев се надева дека ќе ја убеди Будимпешта да дозволи продолжување на преговорите, бидејќи конечната одлука за членство сепак бара едногласност и е „длабоко политичко прашање“. „Но, во меѓувреме, имаме, и навистина го цениме тоа, понуда од институциите на ЕУ и други земји-членки да продолжиме со техничката работа по кластери,“ изјави Качка.
Подготвено од М.Д.