01.09.2025 Скопје
Земјите од Западен Балкан ќе станат дел од Европската Унија само врз основа на сопствените заслуги, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при нејзината посета на соседна Бугарија, а одговарајќи на новинарско прашање, а наменето за евроинтегративниот процес на нашата, но и на земјите кандидати од регионот.
Новинарот ја праша Фон дер Лајен дали верува оти стратегијата за безбедносниот систем што Европската Унија го гради со вооружување и други мерки во регионот на Црното Море и на Балканот е одржлива, со оглед на политиката на прогласениот руски сојузник Србија и обидите за дестабилизација на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија, додавајќи дали ги имаат в предвид овие ризици во државите кандидати за членство во ЕУ.
Дополнително новинарот ја праша и дали на премиерот на РС Македонија, Христијан Мицкоски му кажала оти нема да добие план Б за европска интеграција на земјата, на што Фон дер Лајен не даде конкретен одговор.
Според неа, проширувањето е и ќе остане процес базиран на заслуги, како и дека е јасно што треба да се направи и подобрувањата што треба да се постигнат.
Подготвено од М.Д.