13.09.2025 Скопје
Скоро половина од испитаниците од земјите членки на Европската Унија, односно 48 проценти, се за РС Македонија да влезе во Унијата штом ќе ги исполни условите, покажува најновиот извештај од „Евробарометар“ за февруари-март 2025, објавен месецов. Меѓу нив, еден од десетмина изразува силна поддршка (10 отсто), додека нешто помалку од две лица од пет се прилично за влез на земјава во ЕУ (38 отсто).
Анализата на национално ниво покажува дека во 18 земји членки најмалку 50 отсто од испитаниците се за РС Македонија да влезе во Унијата.
Најголема поддршка за ваков чекор има во Шведска, каде што „за“ се 78 отсто од испитаниците, по што следуваат Словенија со 71 отсто и Хрватска со 69 отсто.
Истовремено, најмала поддршка, очекувано, е забележана во Бугарија (32 отсто), Австрија (34 отсто) и Франција (36 отсто). Најголем процент на испитаници што се против влез на РС Македонија во ЕУ е забележан во Австрија (60 отсто), Грција (59 отсто) и Бугарија (58 отсто).
Подготвено од М.Д.