228831875_4169406539807300_2203601252204837452_n-1500x650

23.09.2025 Скопје

На 8 септември 1991 година нашите граѓани на референдум ја потврдија својата посветеност на независноста, отворајќи го патот кон изградба на модерна, суверена и демократска држава, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во видео обраќање на приемот што синоќа се одржа во зградата на Градскиот совет на Брисел по повод Денот на македонската независност – 8 Септември.

Ова беше кулминација на вековниот стремеж за самоопределување и достоинствен живот во нашата земја. Во текот на изминатите 34 години, нашата земја помина низ длабока трансформација и целосен процес на демократска транзиција, рече Муцунски.

Тој потенцира дека и покрај предизвиците, нашиот народ го зачувува својот идентитет, јазик и традиција, прифаќајќи ги слободата и демократијата, за што, како што рече, искрено сме им благодарни на Европската Унија и на нејзините членки.

Денес, нашата држава е релевантен актер на меѓународната сцена како членка на Обединетите нации, горд НАТО сојузник, целосно усогласена со заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потписничка на безбедносното партнерство, со што активно придонесуваме за глобалниот мир и безбедност, додаде Муцунски.

Шефот на дипломатијата нагласи дека членството во ЕУ останува политички приоритет број еден на земјата, не само со зборови, туку и со реални реформи и дела.

Тоа е иднината што нашите граѓани ја избраа пред 34 години – силна, суверена и независна земја, дел од европското семејство. Во духот на сопствената одговорност да продолжиме да ја градиме и зајакнуваме нашата земја, бидејќи независноста не е настан од минатото, туку процес што продолжува секојдневно. Цврсто верувам дека еден ден сонцето ќе свети покрај ѕвездите на Европската Унија, додаде Муцунски во видео обраќањето.

Подготвено од М.Д.

About Author