19.09.2025 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп, на вториот ден од неговата државна посета на Велика Британија, со својот домаќин, британскиот премиер, Кир Стармер, одржа заедничка прес-конференција на која двајцата лидери оценија дека двете земји „минаа долг пат“ во своите специјални односи и дека сега ги обновија за новата ера.
За време на билатералните разговори Трамп и Стармер денеска потпишаа договор за технолошки инвестиции, што предвидува повеќе десетици милијарди долари инвестиции на двете страни од Атлантикот .
Стармер на почетокот изјави дека во текот на разговарите биле отворени прашањата за зајакнување на одбраната, дополнителната поддршка за Украина и „решително зголемување на притисокот врз Путин да се согласи на мировен договор што ќе трае“.
Трамп повтори дека неговата цел е да ја запре руската инвазија врз Украина, признавајќи притоа дека на почетокот мислел дека тоа ќе оди „најлесно“ благодарение на неговиот однос со Владимир Путин.
Но, тој ме разочара. Навистина ме разочара – рече Трамп.
Потоа тој рече дека ќе „види како сето тоа ќе се развива“ и додаде дека верува дека ќе се постигне договор меѓу Русија и Украина, иако „никогаш не се знае во војна“.
Се случуваат работи што се сосема спротивни од она што го мислите, мислевте дека ќе биде лесно или тешко, а се покажува обратно – рече Трамп.
Запрашан дали е време да се изврши притисок врз Путин за тој да се исплаши, американскиот претседател кусо возврати „Да“.
Подготвено од М.Д.