29.09.2025 Скопје
Анксиозноста кај младите одамна не е само тема за учебниците по психологија, туку реалност што сè почесто се појавува во секојдневните разговори.
Дури и кога ќе се свртиш на улица или ќе слушнеш муабет во автобус, ќе приметиш колку лесно се спомнуваат зборови како „паника“, „стрес“, „притисок“…
Некогаш тоа се чинеше како минлива нервоза, денес многу психолози предупредуваат дека станува збор за сериозен феномен кој ја обликува цела генерација.
„Анксиозноста кај младите често е поврзана со чувството дека не можат да ги исполнат oчекувањата – од родителите, од факултетот, од општеството“, вели психологот Сања Љубеновиќ, со која поразговаравме на оваа тема.
Таа додава дека најчесто им се јавуваат студенти и средношколци, но и млади кои веќе влегле на пазарот на труд и се соочуваат со неизвесни работни услови.
„Се создава чувство дека колку и да се трудиш, секогаш некој очекува повеќе. Тој притисок е гориво за анксиозноста“, вели таа.
Во амбиент каде социјалните мрежи диктираат стандарди, а секоја споредба изгледа како нов удар врз самодовербата, психолозите велат дека младите остануваат заробени во кругот „сите се подобри од мене“.
Иронијата е што зад тие совршени фотографии најчесто се кријат истите стравови и празнини.
„Многумина чувствуваат дека мора да бидат во чекор со сè – од изглед, преку љубовни врски, до успех на работа. А кога ќе почувствуваат дека не можат да постигнат, доаѓаат нападите на анксиозност“, објаснува психологот.
Не е реткост младите да зборуваат и за физички симптоми – забрзано чукање на срцето, потење, вртоглавица. Некои мислат дека добиваат инфаркт, а всушност доживуваат паничен напад.
„Тоа е моментот кога телото го вика умот: застани, нешто не е во ред“, вели Љубеновиќ.
Но, токму таму е и клучот – многумина ја потиснуваат анксиозноста и се срамат да побараат стручна помош. Кај нас, сè уште важи стигмата дека ако одиш кај психолог, значи си „слаб“.
А вистината е сосема спротивна. Психолозите нагласуваат дека разговарањето со стручни лица не значи слабост, туку зрелост и одговорност кон себе.
„Во последниве години забележуваме сè повеќе млади кои конечно се охрабруваат да влезат во кабинет и да кажат: не ми е добро. Тоа е првиот чекор кон подобро секојдневие“, вели нашата соговорничка.
Некои од нив почнуваат со едноставни техники – вежби за дишење, медитација, физичка активност. Други добиваат подлабока психотерапија. Но за сите важи истото: анксиозноста не треба да се игнорира. Затоа што ако една генерација израсне со чувство дека постојано трча пред некоја невидлива опасност, тогаш и општеството ќе трпи долгорочни последици.
И можеби најважното – да се научи дека е во ред да не си совршен. Да не мора секој ден да изгледа како приказна од Инстаграм.
„Младите треба да разберат дека е нормално понекогаш да не се чувствуваат добро, и тоа не ги прави ништо помалку вредни“, завршува психологот.
А тоа, колку и да звучи едноставно, за многумина е најтешката лекција.
Подготвено од М.Д.