donald-tramp-bendzamin-netanjahu1-960x640-1

29.09.2025 Скопје

По речиси две години разорна војна во Појасот Газа, владее огромен очај. Израел на светската сцена сè повеќе запаѓа во изолација. Може ли новиот план на Трамп да го донесе посакуваниот пресврт?

Според израелски и американски наводи, планот предвидува итно ослободување на преостанатите заложници кои се во рацете на исламистичкиот Хамас – во замена за стотици палестински затвореници – како и повлекување на израелската армија од Појасот Газа. Терористичката организација Хамас веќе не треба да игра улога во управувањето со крајбрежниот појас, а на Израел му се забранува анексија на територијата. Наместо тоа, Појасот Газа треба да биде управуван од привремена влада на палестински технократи под надзор на меѓународно тело.

Дел од планот, според истите извори, се и реконструкција и економски развој на уништениот крајбрежен регион. Палестинското население треба да биде охрабрено да остане во Појасот Газа и да создаде подобра иднина таму. Хамас треба да се разоружа, а меѓународни безбедносни сили да го одржуваат редот и мирот додека се обучуваат палестински полициски сили.

Нетанјаху за американската телевизија Фокс њус изјави дека под одредени околности се подготвени да им овозможат на лидерите на Хамас безбеден премин во странство. Доколку стават крај на војната и ги ослободат сите заложници, ќе им биде дозволено да си одат, рече тој. Хамас досега категорично отфрла да го положи оружјето.

Како дел од планот се наведува и перспективата за идна палестинска држава како резултат на мировни преговори со посредство на САД. Палестинските автономни власти кои управуваат со Западниот Брег треба да спроведат програма за реформи за подоцна да може да ја преземат и контролата врз Појасот Газа. Нетанјаху жестоко се противи на овие две работи.

Официјална реакција од Израел за планот ќе има дури по состанокот, можеби дури и по враќањето на Нетанјаху во Израел. Од Хамас во неделата (28.09) соопштија дека сè уште не добиле никаков предлог.Трамп во врска со своите напори за Аксиос вели: „Сите се собраа за да постигнат договор, но треба да го финализираме“. Соработката со арапските земји била „фантастична“, вели американскиот претседател. Тој очекува дека Хамас ќе им се придружи, бидејќи има голем респект спрема арапскиот свет.

„Арапскиот свет сака мир, Израел сака мир и Биби сака мир“, вели Трамп.Ако се успее во постигнувањето договор, американскиот претседател смета дека од него нема да профитира само Израел. „Тоа ќе биде првата шанса за вистински мир на Блискиот Исток. Но, прво мора да стигнеме до таму“, вели тој за Аксиос.

Според потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, во моментов се водат преговори меѓу претставници на арапските земји, Израел и владата на САД. Специјалниот пратеник Стив Виткоф и американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио ги водат разговорите од американска страна, рече Венс за Фокс њус. Венс е оптимистичен, но нагласува дека преговорите би можеле и да пропаднат во последен момент.

Хамас во неделата ја повика израелската армија да ги прекине нападите во градот Газа во период од 24 часа. Животите на двајца израелски заложници се во вистинска опасност, се вели восоопштението од военото крило на Хамас. Војниците мора неодложно да се повлечат во област јужно од „Патот 8“ во градот Газа за да се направи обид за „извлекување“ на двајцата заложници, се вели од Хамас. Бригадите Касам претходно соопштија дека контактот со двајцата заложници во изминатите 48 часа е прекинат поради интензивните израелски напади во градот. Израел не го исполни барањето на терористичката организација.

Подготвено од М.Д.

About Author