23.09.2025 Скопје
Новиот претседател на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски вели дека не поддржува државни интервенции во пазарната економија. Замрзнати цени или маржи не даваат резултати, вели тој и додава дека пазарот треба да ги одредува цените.
Но доколку се утврди дека некој ги крши правилата веднаш да реагираат државните институции. Ѓорѓиевски е на став дека продуктивноста на македонските работници е слаба, но причината според него не се висината на платите кои ги добиваат бидејќи вели дека платите во РС Македонија не се ниски. А ако се зголеми минималната плата, проблем ќе направи кај помалите фирми кои нема да можат да ги зголемат и останатите плати во компанијата, бидејќи тоа ќе биде неизбежно.
„Продуктивноста практично се случува во компаниите како што се финансии, фармација, каде што има сериозни можности за висока профитабилност на тие компании да инвестираат, и тие може да ги автоматизираат процесите. Но, помалите компании кои се најголем број не можат тоа да го инвестираат и тие немаат продуктивност, немаат автоматизација, немаат профитабилност. Тоа е клучно за да го издржат тоа зголемување на сите плати.“
Во однос на домашното производство на храна Ѓорѓиевски вели дека мора да се најде механизам како да се намали увозот на прехранбени производи и суровини. Инаку, Горан Ѓорѓиевски на позицијата прв човек на ССК доаѓа од потпредседателското место во комората. Сојузот на стопански комори беше санкционирана од Комисијата за заштита на конкуренцијата, поради каретлско здружување, и тоа според него е една од причините поради кои дојде и до смена на раководството во ССК.
Новото раководство најави свои предлози и решенија за подобрување на состојбите во бизнис секторот и истите соопштија дека ќе гиу испратат до владата.
Подготвено од М.Д.