konstantin-i-elena-skopje-2

29.09.2025 Скопје

Со свечена литургија и присуство на голем број верници вчера беше осветена новата црква „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје.

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан по повод големиот настан истакна дека со изградбата на овој семакедонски, сеправославен храм народот уште еднаш ја потврдил својата црквоградителска традиција.

Со изградбата на овој семакедонски, сеправославен храм се надминавме себе си. Овој нов молитвен дом со неверојатна убавина нека биде уште еден сведок дека нашиот народ продолжува да биде црквоградител и дека РС Македонија продолжува да биде земја храм, земја манастир и земја крст – рече г.г. Стефан.

Осветувањето започна во 8:30 часот со ѕвонење на камбаната и траеше околу три часа. Присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министри, лидери на политички партии, академици, професори, стопанственици, како и голем број монаси, монахињи и граѓани.

Овој храм убавец е радост за сите сетила и со него добиваме уште едно место во кое земјата се сретнува со небото и во кое временото станува вечност. Но, убавината на храмот не е цел сама по себе, таа, пред сè, е водич кон Бог – додаде архиепископот.

Тој потсети дека храмовите не се градат за слава на луѓето, туку за духовно издигнување.

Не е доволно да ги осветуваме само храмовите, туку треба и ние себе си да се осветуваме во нив. Не е доволно да се воодушевуваме на нивната убавина, туку треба и ние да ги разубавуваме нашите души во нив – рече архиепископот.

Г.г. Стефан нагласи дека храмот ќе има вистинска вредност само ако остане жив со верници.

Изградивме храм со неверојатна убавина, но она што е најубаво во него е тоа што денес е исполнет со народ. Ќе повторам и сега, најубав храм е оној што е исполнет со верен народ – истакна архиепископот.

Граѓаните кои присуствуваа ја истакнаа важноста на настанот.

Ова е навистина голем чин, по толку години да се изгради овој храм. Здравје, среќа и многу љубов би посакал за сите на овој свечен ден – рече еден од верниците.

МПЦ соопшти дека му доделува Орден на Св. Климент Охридски од прв ред на ктиторот Сашо Костовски и неговото семејство, за финансиската помош со која беше доградена црквата.

Церемонијата ја следеа и оние што не успеаја да влезат во храмот – надвор беа поставени два големи видео бима, а целиот настан беше документиран и со дрон.

Изградбата на храмот започна во 2012 година и траеше 13 години. Работите беа интензивирани во 2024 година, кога беше завршено внатрешното уредување, надворешноста и околниот простор.

Подготвено од М.Д.

About Author