19.09.2025 Скопје
Податоците за вториот квартал од годинава објавени од Државниот завод за статистика говорат дека бројот на невработени лица во второто тримесечје од 2025 година е намален за 7,2% во споредба со истото тримесечје од минатата година. Но, расте бројот на работници на црно. Во овој квартал 98,095 се такви вработувања што е раст од 11,3% во однос на истиот период лани.
Бројот на невработени во континуитет се намалува, но истовремено опаѓа и бројот на работници во земјава. Прашањето кое се наметнува е каде работат невработените?
Вообичаено се смета дека кадарот се одлева од земјава во странство, дека многумина работат од тука за странски фирми… Населението во земјава генерално старее и работниците одат во пензија, а статистичките податоци укажуваат и на друг тренд – пораст на неформални вработувања и на население кое е неактивно на пазарот на трудот.
Податоците за вториот квартал од годинава објавени од Државниот завод за статистика говорат дека бројот на невработени лица во второто тримесечје од 2025 година е намален за 7,2% во споредба со истото тримесечје од минатата година. Бројот на вработени е намален за 4,2%, а во преработувачката индустрија овој број е помал за 4,4%. Но, расте бројот на работници на црно. Во овој квартал 98.095 се такви вработувања што е раст од 11,3% во однос на истиот период лани. Најголем број неформално вработени лица, 51,4%, има во секторот Земјоделство, шумарство и рибарство и 17,1% во секторот градежништво.
Податоците покажуваат и дека се намалува и населението кое е активно на пазарот на труд. Стапката на активно население во вториот квартал падна на 52,2%.
Експерти и бизнисмени велат дека негативните текови на пазарот на труд се стандард во земјава, но загрижува фактот што се зголемуваат сивите вработувања за што, според нив, извор се агресивното зголемување на минималната плата и другите плати кои ги зголемуваат трошоците на компаниите, социјалната политика и големиот број луѓе кои работат, а не успеваат да ги задоволат основните потреби за живот и се обидуваат преку дополнителна работа да го покријат недостигот од пари.
Професорот Здравко Савески вели дека не е проблем тоа што активноста на населението на пазарот на труд се намалува, но проблем е тоа што расте бројот на нетипични вработувања кои можат да ја вратат државата во состојба на намалено плаќање придонеси.
Станува збор за дополнителна работа или работа со скратено работно време на луѓе кои покрај платата од различни причини (немање доволно финансиски средства за живот или поради развивање на конзумистичка култура) работат дополнително и се плашат поради тоа да не го изгубат работното место. Тие не сакаат таа работа да биде пријавена. Ова им одговара на работодавачите поради помалите трошоци кои ги имаат за ваков тип работа. Но, практиката покажува тенденција дека ваквиот начин на засновање работен однос работодавачите се обидуваат да го спроведат и кај преостанатите – пријавените работници. Така се случува дел од нив да ги третираат и плаќаат како работници со скратена работа, односно двајца работници да работат по 4 часа, за што трошоците на работодавачите се намалуваат, а работата е завршена. Ова станува тренд од кој не само што губат работниците туку губи и државата – вели Савески.
Според него, државата треба да реагира навреме на порастот на трендот на вакви несигурни работни места, бидејќи ако оваа состојба се занемари може да се вратиме на состојбата од пред 20 <години кога никој не плаќаше придонеси.
Савески предупредува и на фактот што одделни дејности ги губат вработените без да можат да ги заменат со нов кадар.
Такви се здравството, образованието па и низа други сектори кои се од суштинско значење за целата популација и за државата. Тоа треба да го имаат предвид оние кои ги донесуваат политиките и кои треба да ги спроведат – појаснува тој.
Савески вели дека трендот на неактивност на населението на пазарот на труд не треба да загрижува, ако не се смета проблемот со иселувањето и стареењето на населението.
Подготвено од М.Д.