18.09.2025 Скопје
На маргините на самитот на Шангајската организација за соработка во Тјенџин, се појави вест што звучи како научнофантастично сценарио – Русија и Кина размислуваат за изградба на најдолгата брза железница во светот.
Должината на железницата би била околу седум илјади километри, со што патувањето од Москва до Пекинг би траело само 15 часа.
Возот на иднината низ Сибир
Според информациите од руските и кинеските медиуми, претседателите Владимир Путин и Си Џинпинг разговарале за идејата за скратување на патувањето, кое сега трае шест до седум дена со воз, на помалку од еден ден.
Планираната брзина на композициите би била од 350 до 400 километри на час, што би ја направило оваа рута рекордер меѓу брзите железници во светот.
Планираната рута би ги вклучувала најголемите градови во Русија – Нижни Новгород, Казан, Екатеринбург, Новосибирск, Иркутск и Чита – од каде што би се протегала до кинеските градови Харбин, Хохот и Пекинг.
Секој од овие градови би можел да стане нов логистички и економски центар, привлекувајќи капитал и население.
Амбициозен план и финансиски ризици
Според достапните информации, планирано е формирање на заеднички фонд вреден 30 до 40 милијарди долари. Кинеските банки би обезбедиле поволни кредити, додека Русија би била одговорна за трасата до Забајкалск, а Кина за делот од границата до Пекинг.
Првата фаза, Москва-Новосибирск, треба да биде завршена до 2030 година, а целиот проект до средината на 2030-тите.
Сепак, експертите предупредуваат дека трошоците веројатно се потценети и дека поради должината на трасата, пермафростот, мочуриштата и екстремните климатски услови, цената би можела да биде двојно повисока.
Одржувањето на железница низ Сибир би барало посебни технологии и постојани инвестиции.
Дали ќе има патници?
Едно од клучните прашања е економската профитабилност.
Авионскиот сообраќај е сè уште побрз и веројатно поевтин, а густината на населението во Сибир е ниска.
Секако би имало патници на пократки растојанија – до Казан или Екатеринбург – но прашањето е дали линијата до Далечниот Исток ќе привлече доволно корисници за да ги оправда огромните инвестиции.
Самиот проект може да го стимулира развојот на тие градови, но тешко е да се очекуваат масовни текови на патници што би ја вратиле инвестицијата – оценува Кирил Јанков, член на јавниот совет при руското Министерство за транспорт.
Подготвено од М.Д.