veterpark-44

05.09.2025 Скопје

Во првата половина од годината, Германија отвори најмногу ветерни паркови во Европа, според податоците од здружението WindEurope. Сепак, вкупниот раст на капацитетот на континентот остана под очекувањата.

Турбини со вкупна моќност од околу 2,2 гигавати (GW) беа инсталирани на копно и море, со што Германија се најде на првото место во Европа. По неа следуваат Шпанија со 889 мегавати (MW) и Велика Британија со 760 MW.

Вкупниот капацитет на ветерните електрани во Европа се зголеми за 6,8 GW, од кои 5,3 GW беа реализирани во 27-те земји-членки на Европската Унија.

WindEurope претходно предвиде раст од 22,5 GW оваа година, но ја намали својата проценка на 19 GW. Тие ги наведоа бавната електрификација, недоволно развиената електрична мрежа, сложените процедури за лиценцирање и ограничената достапност на пристаништа и специјализирани бродови како клучни пречки.

Здружението предвидува дека ЕУ ќе достигне 344 GW енергија од ветер до 2030 година, а потоа се очекува значителен раст.

WindEurope апелира до европските влади да го забрзаат процесот на електрификација, да ги модернизираат и прошират мрежите, да инвестираат повеќе во пристанишната инфраструктура и целосно да ги спроведат новите правила на ЕУ за лиценцирање.

Подготвено од М.Д.

About Author