30.09.2025 Скопје
РС Македонија каска зад светот во поглед на дигитализацијата. Во презентацијата на 24 годишна конференција на Македонската берза во Охрид, директорката на „CaSys“ Филомена Пљаковска-Аспровска вели дека 95 отсто од светските компании се дигитализирани. Вештачка интелигенција, автоматизација, „ај клаудс“ наместо сервери, електронска трговија.
Во РС Македонија целата дигитализација е во развој, но далеку од светското ниво. Фирмите немаат пари, законите се застарени, има отпор кон промени, но можеби и најважно нема луѓе, кои може да ја направат модернизацијата.
„Нашите најдобри студенти најчесто заминуваат во Германија, Холандија, над 40 проценти од ИТ позициите не се пополнети. Секој програмер којшто ќе замине е изгубена можност за дигитализација, вели Филомена Пљаковска-Аспровска, главен извршен директор на „CaSys“.
Сепак, не е сè толку црно. И во земјава има примери на успешна дигитална трансформација, и во приватниот и во јавниот сектор. Постојат виртуелни платежни картички, е-трговијата се развива, апликации за плаќање, а државата нуди над 200 услуги за кои не мора да се оди на шалтер, туку може да се извадат дигитално – од имотен лист до извод од матична книга на родени.
Сепак, тоа не е доволно. Треба да се почне со мали чекори и да се инвестира во луѓе. Дигиталните услуги мора да бидат разбирливи и лесни за користење. Со оглед на тоа што се очекува за 5 години, за 70 отсто од работните места да се бара дигитална писменост, мора да се инвестира во тоа.
Подготвено од М.Д.