02.09.2025 Скопје
Европската Унија не е затворен клуб, туку е заедница на вредности и проект за мир и просперитет кој сè уште не е завршен, па затоа пристапувањето на Западниот Балкан, Молдавија и на Украина кон ЕУ не е само ветување, туку приоритет, изјави претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта во воведното обраќање на Стратешкиот форум во Блед.
Овие земји се во срцето на Европа и се дел од иднината на Европа. Во наредните години мора да ја подготвиме Унијата за проширување – преку реформи, буџетски прилагодувања и зајакнато управување. Проширувањето нема да биде лесно. Но, ќе вреди. Тоа е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме – да ги помириме нациите и историите и да изградиме пообединет континент. Ќе продолжиме да соработуваме со сите партнери во пристапувањето и ќе го искористиме овој позитивен моментум за проширувањето – истакна Кошта.
Тој нагласи дека Планот на ЕУ за раст за Западен Балкан е потенцијална пресвртница која нуди финансиска поддршка и стимулации за реформи, регионална соработка и за економска интеграција.
Не смееме да го изгубиме овој моментум. Сите лидери мора да го дадат својот удел. Сите страни мора да преземат одговорност. Бидејќи не станува збор за географија. Станува збор за вредности – демократија, човекови права, слобода и владеење на правото – рече Кошта.
Претседателот на Европскиот Совет нагласи дека проширувањето претставува значаен предизвик за Европската Унија и за нејзините земји членки, но тоа е уште поголем предизвик за државите од Западниот Балкан.
Најголемиот проблем не се потребните реформи или преговорите за различни поглавја и кластери. Вистинскиот предизвик лежи во усвојувањето на нов културен начин на размислување: надминување на историските конфликти, со цел да се изгради заедничка иднина – истакна Кошта.
Тој додаде дека е свесен за фрустрацијата што ја чувствуваат многу Европејци кои сметаат дека Унијата е премногу пасивна во обликувањето на случувањата поврзани со рамковниот трговски договор меѓу ЕУ и САД и обновените дипломатски напори околу војната во Украина.
Ескалацијата на тензиите со нашиот клучен сојузник околу царините, додека нашата источна граница е под закана, би бил неразумен ризик. Затоа, во овој момент, избравме дипломатија наместо ескалација. Дадовме простор на дијалог, избравме воздржаност затоа што сме одговорни. Стабилизирањето на трансатлантските односи и обезбедувањето ангажман на САД во безбедноста на Украина беше врвен приоритет – истакна Кошта.
Тој додаде дека Европската Унија не започна трговска војна со САД и се „воздржа од одмазда“, за да ги заштити сопствените интереси – интересите на европските потрошувачи и на бизнисот и да осигура дека европските производи и услуги не се во неповолна положба во однос на другите извозници во американскиот пазар.
Но, нашите партнери, вклучувајќи ги и САД, мора да знаат дека ЕУ секогаш ќе го брани својот суверенитет, своите граѓани, своите компании и своите вредности. Дипломатијата никогаш не треба да се меша со самодоволност. Точно е дека овој момент уште еднаш докажа дека нашиот моќен единствен пазар од 450 милиони потрошувачи и нашиот пристап базиран на правила не се доволни. Затоа мора да станеме поавтономни, поотпорни и поподготвени да дејствуваме. Посуверени – порача Кошта.
Според него, Европската Унија мора да преземеме поголема одговорност за сопствената судбина и да се залага за свет каде што мирот е заштитен, партнерствата се вистински и каде што принципите на Повелбата на Обединетите нации се почитуваат не само со зборови, туку и со дела.
Европа не се повлекува. Европа се ангажира – истакна Кошта.
Тој нагласи дека Европа цврсто застана зад Украина против руската агресија затоа што европската безбедност е поврзана со украинската отпорност. На Блискиот Исток инсистира на недвосмислено почитување на меѓународното хуманитарно право, итен и одржлив прекин на огнот, непречен хуманитарен пристап и обновена меѓународна посветеност на решението за две држави и во исто време е посветена на поголеми инвестиции во одбраната за да ги зајакне сопствената безбедност и индустрии и да создаде работни места низ цела Европа.
Подготвено од М.Д.