KAFE

16.09.2025 Скопје

Посевите со кафе во висорамнините на источен Конго скапуваат и венеат, бидејќи ескалацијата на деценискиот конфликт во регионот меѓу владата и бунтовничката група М23 ги спречува земјоделците да ја обработуваат својата земја оваа година.

Ова го изјави директорот на Државната канцеларија за земјоделство, која го надгледува извозот, Франсоа Камбале Нзанзу.

Тој рече дека, иако стеблата кафе цветаа обилно оваа година, но борбите и прекините во банкарските операции го ограничија извозот.

„Имавме многу кафе, но оваа година немаше многу извозници“, рече Нзанзу.

Зборувајќи за ситуацијата на неговата фарма во Муганзу, покраината Јужен Киву, одгледувачот на кафе Мудекереза ​​Кашугушу Целестин рече дека „не останало ништо“ од кафето што го одгледувал и дека штетата го натерала да се бори да го издржува своето семејство и да ги плати школарините на своите деца.

„Секоја година собирав кафе во вредност од 300 долари, но оваа година добив само 50 долари“, рече тој.

Борбите меѓу владата и бунтовниците од М23, поддржани од Руанда, ескалираа претходно оваа година, кога бунтовниците ги зазедоа главните градови во провинциите Север и Јужен Киву, главни области за одгледување кафе познати по висококвалитетните зрна Арабика.

Во најновите конфликти, илјадници луѓе загинаа, а стотици илјади се раселени, вклучувајќи ги и земјоделците.

Вооружените конфликти, исто така, ги блокираа извозните патишта, заканувајќи се да го ограничат закрепнувањето на индустријата за кафе во земјата.

Производството на зрна кафе во Конго надмина 100.000 метрички тони годишно кон крајот на 1980-тите, според Обединетите нации, но нагло падна во 1990-тите, бидејќи конгоанските сили и други вооружени групи водеа разорни војни вкоренети во геноцидот во Руанда од 1994 година.

Производството на кафе повторно се зголеми во последната деценија, достигнувајќи малку повеќе од 62.000 тони во 2023 година, според податоците на ОН, а сега, по новите конфликти, тоа закрепнување е загрозено.

Подготвено од М.Д.

About Author