38a68fdc42924954b3a1edf72d3c66ad-0-7919f28ae32d482290e2935854cde5c7

02.09.2025 Скопје

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, алармираше дека чекорите преземени од американскиот претседател Доналд Трамп за разрешување на претседателот на американската централна банка (ФЕД), Џером Пауел, и гувернерката на ФЕД, Лиза Кук, претставуваат „многу сериозна опасност за американската и светската економија“.

ФЕД, институција која е задолжена за регулирање и надзор на финансиските и монетарните институции и пазари во САД, е основана во 1913 година.

Трамп постојано го критикуваше Пауел поради непочитување на барањата за намалување на каматните стапки со цел стимулирање на економскиот раст, нарекувајќи го „господин Предоцна“ и заканувајќи се со негово разрешување. „Би било многу загрижувачки доколку американската монетарна политика стане зависна од диктатите на едно лице“, оцени таа.

Гувернерката Лиза Кук, една од седумте членови на Управниот одбор на ФЕД, исто така беше цел на критиките на Трамп и неговиот обид да ја смени. Неговата одлука да ја отпушти Кук сега е предмет на судска постапка.

„Во случај американската монетарна политика да престане да биде независна и наместо тоа да зависи од диктатите на ова или она лице, верувам дека ефектот врз стабилноста на американската економија, како резултат на ефектите што би ги имала низ целиот свет, би бил многу загрижувачки бидејќи тоа е најголемата економија во светот“, изјави Лагард.

Таа, исто така, се осврна на пресудата од минатата недела на Апелациониот суд на САД дека најголемиот дел од давачките што ги воведе Трамп се незаконски и додаде дека пресудата претставува дополнителна несигурност за економските прогнози на глобално ниво.

Подготвено од М.Д.

About Author