republika-srpska-sobranie

03.09.2025 Скопје

Народното собрание на Република Српска синока избра нова влада, чија легалност и легитимитет е спорна од правни експерти и претставници на опозицијата во тој ентитет Босна и Херцеговина (БиХ).

50 од 83 пратеници гласаа за изборот на Саво Миниќ за премиер, додека двајца беа против.

Потоа 50 пратеници гласаа и за изборот на членовите на владата на Миниќ, додека еден беше против.

По кратка пауза, членовите на новата влада положија заклетва, со што заврши вонредната седница на Парламентот на Република Српска.

Правните експерти и претставниците на опозицијата ја оспоруваат легалноста и легитимноста на владата на Миниќ, бидејќи тој беше номиниран од Додик за мандатар откако долгогодишниот премиер Радован Вишковиќ поднесе оставка на 22 август. Додик немаше овластување да номинира мандатар, бидејќи тој повеќе не е претседател на Република Српска.

На 6 август, на Додик му беше одземен мандатот како претседател на Република Српска од страна на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина, врз основа на конечна пресуда на Судот на БиХ со која го осуди на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција поради неспроведување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит.

Во заклучоците усвоени на седницата одржана истиот ден кога беше прифатена оставката на Вишковиќ, Собранието на Република Српска го повика Додик да продолжи како претседател, ги отфрли предвремените избори распишани од Централната изборна комисија на БиХ и им наложи на институциите на ентитетот да не соработуваат со тоа тело.

Опозицијата во Република Српска предупреди дека владата на Додик на тој начин влегува во зоната на кривични дела и кршење на уставниот поредок на БиХ.

Владејачката коалиција во Парламентот на Република Српска, предводена од Алијансата на независни социјалдемократи, распиша референдум за 25 октомври на кој гласачите треба да одлучат дали ги прифаќаат одлуките на Шмит, Судот на БиХ и Централната изборна комисија на БиХ, што ја вклучува и конечната пресуда против Додик.

Подготвено од М.Д.

About Author