22.09.2025 Скопје
Посебни потрошувачки кошнички за различни категории граѓани, за самец, млад брачен пар, тричлено и четиричлено семејство и пензионери. Вака премиерот Христијан Мицкоски ја гледа идната методологија за пресметка на трошоците, нагласувајќи дека потребите не се исти и не смеат да се третираат еднакво.
Ова доаѓа откако вчера Сојузот на синдикати на Македонија информираше дека вредноста на синдикалната минимална кошница за септември изнесува 65.077 денари, што е за 430 денари помалку од август. Мицкоски, кој подолго време ја оспорува синдикалната копничка, останува на ставот дека освен специјализирани, потребна е и унифицирана потрошувачка кошничка, која ќе ги отстрани сите сомнежи за субјективност.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов вели дека податоците од синдикалната кошничка се релевантни бидејќи таа се пресметува секој месец од 2012 година наваму. И покрај тоа што во септември вредноста е намалена поради намалените цени на сезонското овошје и зеленчук, животот не станува поевтин, туку напротив, сè потешко се живее, вели Трендафилов, потсетувајќи дека две минимални плати и понатаму не ја покриваат синдикалната кошница.
Иако бројките покажуваат мало намалување, граѓаните не чувствуваат олеснување во секојдневниот живот. Велат дека цените во продавниците и на пазарите не се намалени.
И додека премиерот Мицкоски вели дека Владата има тековни мерки за намалување на цените и очекува инфлацијата и понатаму да паѓа, лидерот на СДСМ Венко Филипче со критика, додека работниците чекаат повисоки плати, власта се расфрла со нивните пари, а инфлацијата го јаде секој заработен денар.
„Имаме највисоки цени за храна, а власта не прави ништо да ги ограничи додека ни продаваат приказни дека сме на врвот во Европа во економија.“
Иако септемвриската кошница е пониска за неколку стотини денари во однос на август, износот и понатаму значително го надминува приходот од две минимални плати. Најголемиот дел од семејните буџети се трошат за храна, станарина и сметки, а за останатите потреби останува сè помалку пари. Токму затоа животниот стандард и понатаму останува една од најчесто споменуваните грижи на граѓаните.
Подготвено од М.Д.