TRAMP FON DER LAJEN

17.09.2025 Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека му ветила на американскиот претседател Доналд Трамп дека ЕУ ќе го забрза процесот на запирање со набавка на руска нафта и гас.

Фон дер Лајен објави на платформата „Х“ дека вчера остварила телефонски разговор со Трамп. Таа најави дека Европската комисија наскоро ќе го презентира 19-тиот пакет санкции против Русија, како одговор на нејзината инвазија на Украина која трае повеќе од три и пол години.

Претседателката на Европската комисија прецизираше дека тој пакет конкретно ќе биде насочен кон криптовалутите, банките и енергетскиот сектор. Завчера, Трамп првично побара од ЕУ да престане со купување руска нафта пред САД да воведат санкции против Русија.

“Воената економија на Русија, поддржана од приходите од фосилни горива, го финансира крвопролевањето во Украина”, објави Фон дер Лајен во својата објава. Таа исто така објави дека “за да се стави крај на ова, Европската комисија ќе предложи забрзување на постепеното укинување на увозот на руски фосилни горива”.

ЕУ веќе го забрани увозот на најголем дел од руската нафта, редуцирајќи го нивниот удел од 29 проценти на почетокот на 2021 година на два проценти до средината на оваа година. Европската унија, исто така, планира комплетно да престане да набавува нафта и гас од Русија до крајот на 2027 година. Фон дер Лајен вчера изјави дека Брисел сака да ја оствари оваа цел дури и порано.

Подготвено од М.Д.

About Author