04.09.2025 Скопје
По средбата со неговиот украински колега, Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон објави дека Европејците се подготвени да и обезбедат безбедносни гаранции на Украина, откако ќе се постигне мировен договор.
“Европа е тука, првпат со ова ниво на посветеност и интензитет”, изјави Макрон.
Пред претстојниот Самит на Коалицијата на подготвените во Париз, Макрон додаде: “Прашањето сега е да се утврди искреноста на Русија и нејзините последователни обврски кога ѝ понуди мир на Америка.”
На Самитот во Париз ќе присуствуваат претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, додека други лидери ќе учествуваат преку видео-врска.
По завршувањето на Самитот на Коалицијата на подготвените, е предвидено лидерите да остварат телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп.
Претходно, од кабинетот на Зеленски беше објавено дека Макрон и Стармер ќе копретседаваат со Самитот.
Коалицијата на подготвените е составена од приближно 30 држави, воглавно европски, кои се подготвени да ја поддржат украинската војска и да распоредат трупи во Украина по прекин на огнот, со цел да ја спречат Русија од било каква идна агресија.
Трамп на 18 август вети дека САД ќе ги поддржат Европејците во обезбедувањето на безбедносни гаранции за Украина, кои треба да се реализираат по прекин на огнот или мировен договор, кој сè уште не е постигнат.
Подготвено од М.Д.