49571e89-crop-820x0x100

23.09.2025 Скопје

Од следниот месец во земјите на ЕУ нема повеќе да има чекање вашата уплата преку банка да легне на сметката на примачот за два дена доколку е направена во петок попладне – плаќањата ќе бидат брзи, во рок од десет секунди, независно во кое време на работен ден, викенд или празник. Со тоа конечно ќе заживее во целост европската уредба за платежни услуги донесена во 2023 година. Со оваа услуга дополнително се поставува рамката за модерни плаќања и се нагласува важноста на оваа услуга за граѓаните и компаниите.

Македонските граѓани и компании, пак, ќе почекаат уште некое време за оваа привилегија, веројатно уште една година. Како што ни рекоа од Народната банка, таму веќе подолго време работат на модернизација на националната платежна инфраструктура, вклучувајќи и воведување на инстант плаќањата, во тесна соработка со банките и во согласност со европските стандарди и најдобрите практики на Европската централна банка.

Клучен дел од овие активности е проектот за приклучување кон регионалната платформа за инстант плаќања – клон на платниот систем ТИПС управуван од Евросистемот. Преку оваа платформа ќе се овозможат брзи, сигурни и ефикасни трансакции во секое време од денот, како на домашно ниво така и меѓу земјите од регионот, со директна поврзаност кон европската инфраструктура.

„За граѓаните тоа ќе значи моментален пристап до нивните средства без ограничувања во времето на извршување на плаќањата, додека за компаниите ќе донесе поедноставено управување со ликвидноста, зголемена предвидливост на готовинскиот тек и нови можности за дигитални услуги“, објаснуваат од Народната банка.

Во моментов Народната банка спроведува детални технички анализи и подготовки за интеграција на новиот систем. Проектот е планирано да биде оперативен во втората половина на 2026 година, кога ќе се обезбедат целосна функционалност и усогласеност со европските решенија.

„Со оваа иницијатива, земјата ќе направи клучен исчекор кон современите европски трендови, ставајќи ја домашната платежна инфраструктура рамо до рамо со најнапредните економии и отворајќи ново поглавје во дигитализацијата на финансиските услуги“, додаваат од Народната банка.

Инаку, во ЕУ од 9 октомври годинава стапува во сила уште една новина во банкарското работење, според која бројот на платежната сметка (ИБАН) и името на примачот на средствата треба да се совпаѓаат при меѓународни плаќања. Тоа значително ја зголемува сигурноста на трансакциите во евра и го намалува ризикот од грешки или измами, бидејќи плаќачот ќе може веднаш да добие информација дали податоците за примачот се точни. Со ова правило се прави обид да се сузбие растечкиот број на измами со банкарски уплати, како што се лажни сметки, фалсификувани податоци и т.н. „инкасо“ измами.

Досега за уплата беше доволно да се внесе само ИБАН, а името на примачот не се проверуваше. Токму тој момент го искористувале измамниците што барале уплати на лажни ИБАН-броеви користејќи познати имиња на приматели.

Подготвено од М.Д.

About Author