slika-pacemaker-768x512

05.09.2025 Скопје

Замислете некој да живее во состојба на тешка депресија повеќе од три децении, а потоа одеднаш најновата напредна терапија да му ги отстрани мрачните мисли.

По над 30 години постојана депресија и бројни неуспешни терапии, 44-годишен маж конечно влегол во ремисија благодарение на специјално дизајниран „мозочен пејсмејкер“. Научниците велат дека неговиот случај ја покажува вистинската моќ на персонализираното лекување за луѓе кај кои класичните методи не даваат резултат.

Отпорноста на лекување депресија обично се дефинира како отсуство на значајно подобрување по најмалку два вида антидепресиви. Алтернативи како електроконвулзивната терапија често се неуспешни.

Тоа е како еден модел за сите. Секогаш се оди на истото место во мозокот, без разлика на пациентот. Но, секој мозок е различен, па општата метода не може да гарантира олеснување – објаснува Демиен Фер од Универзитетот во Минесота, еден од авторите на истражувањето, кое допрва очекува објава во научно списание.

Тимот на Фер го проучувал пациентот кој бил хоспитализиран уште на 13-годишна возраст и поминал низ дури 20 третмани – лекови, психотерапија и ЕКТ.

Ова е еден од најтешките случаи на депресија. Пациентот трипати се обидел да се самоубие – вели Фер.

МРИ-скенирањето овозможило да се мапираат четири мозочни мрежи поврзани со депресијата кај пациентот. Откриено е дека неговата „салиентна мрежа“, задолжена за обработка на надворешни стимули, била четирипати поголема од вообичаено, што веројатно придонело за симптомите.

Преку два мали отвори хирурзите вградиле електроди на черепот и ги насочиле кон секоја мрежа посебно. Со стимулација на мрежата одговорна за интроспекција и постојано навраќање на истите негативни мисли или сеќавања, пациентот заплакал од радост.

Стимулацијата на салиентната и акциската мрежа донела чувство на смиреност, додека активирањето на фронтопариеталната мрежа ја подобрило концентрацијата.

Електродите биле поврзани со батерии вградени под клучната коска, создавајќи „мозочен пејсмејкер“. Тој испраќал стимулации од по една минута, на секои пет минути. Во наредните шест месеци пациентот преку мобилна апликација ги бележел симптомите и ги прилагодувал обрасците на стимулација, кои научниците потоа ги усовршувале.

Седум недели по операцијата самоубиствените мисли исчезнале. Девет месеци подоцна ремисијата била потврдена со Хамилтоновата скала за депресија. Подобрувањето траело повеќе од две и пол години, со мало влошување по ковид-инфекцијата.

Ова е неверојатен резултат – вели Марио Журуена од Кралскиот колеџ во Лондон, независен експерт.

Авторите на истражувањето додаваат дека нивниот метод барал помалку компјутерски ресурси и пократок болнички престој од претходните обиди со персонализирана стимулација.

Сепак, Журуена предупредува дека се неопходни поголеми испитувања пред широка примена. Фер, пак, се надева дека тие ќе започнат во следните две години.

Подготвено од М.Д.

About Author