29.09.2025 Скопје
Од воведувањето на еврото на почетокот на овој век, цените на храната имаат тенденција да растат малку побрзо од другите компоненти на инфлацијата. Сепак, разликата што се појави во изминатите неколку години е исклучителна и постојана, нагласија експертите на ЕЦБ во својата анализа.
Во август оваа година, цените на храната беа за 34 проценти повисоки во споредба со истиот месец во 2019 година, додека просечниот раст на вкупните потрошувачки цени беше 23 проценти. Токму затоа цените на храната денес претставуваат едно од клучните прашања за носителите на одлуки во ЕЦБ при одредувањето на монетарната политика и каматните стапки.
Зголемувањето на цените на храната најмногу ги погоди посиромашните домаќинства, бидејќи тие мора да трошат релативно поголем дел од својот приход за основни прехранбени производи.
ЕЦБ ја задржа каматната стапка на депозити на два проценти овој месец, додека членката на Извршниот одбор, Изабел Шнабел, претходно во септември предупреди дека цените на храната се една од најголемите области на загриженост за централната банка.
Годишниот раст на цените во август од 3,2 проценти беше највисок во последната година и пол, далеку над целта од два проценти од вкупната инфлација.
Цените на говедското месо и млекото се зголемија за речиси 40 проценти во споредба со крајот на 2019 година, додека цените на путерот и маслиновото масло скокнаа за околу 50 проценти. Во случајот со какаото и чоколадото, растот беше уште поизразен.
Сепак, порастот на цените на храната не беше еднаков низ целата еврозона. Во Италија, цените се во просек повисоки за 28 проценти, во Германија за 37 проценти, додека во балтичките земји се зголемија за повеќе од 50 проценти.
Аналитичарите на ЕЦБ проценуваат дека бројките јасно го одразуваат различниот степен на изложеност на поединечните земји на ценовни шокови поврзани со производството на храна, зголемувањето на трошоците за работна сила и енергија. Иако растот на платите донекаде го компензираше падот на реалните приходи во претходните години, многу граѓани сè уште истакнуваат дека се чувствуваат посиромашно кога одат во супермаркети отколку пред силниот пораст на инфлацијата по пандемијата.
Подготвено од М.Д.