04.09.2025 Скопје
Бугарија се пожали во Брисел – Владата во Скопје води политика на провокации една од нив е Протоколот.
Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев испрати писмо до земјите членки на ЕУ, до шефицата на европската дипломатија Каја Калас и еврокомесарката Кос – порача дека македонската влада наместо мостови прави конфронтации и провокации, а како најнова ја посочи иницијативата до Уставен Суд за оцена на Протоколот со Бугарија. Георгиев во писмото до ЕУ вели дека овој потег е координиран со ВМРО-ДПМНЕ и треба да биде уште еден изговор за Скопје да ги избегне обврските од договорите од јули 2022година.
Овој Протокол и другите слични на него, наведени во став 5 од Преговарачката рамка како „годишни прегледи и мерки за негово целосно спроведување“, се клучна компонента на пакетот што го одобривме до 2022 година на европско ниво. Без него, никаков договор никогаш не би бил можен. Свесни сме дека предизвикот е координиран со раководството на ДПМНЕ и дека очекуваниот исход е споменатиот Протокол да послужи како уште еден изговор во поширокиот контекст на политиката на Скопјe да избегне спроведување на она за што сите се согласивме, стои во писмото на министерот Георг Георгиев.
Уставните судови не се под јурисдикција на соседни држави, порача шефицата на државата Сиљановска Давкова. На прашањето за став на писмото на официјална Софија, Сиљановска вели:
Непријатно ми е да коментирам вакви изјави, како што е непријатно да се даваат коментари за работа на уставен суд. Уставните судови се дури надвор од поделбата на власта внатре во државата, а сигурно не се под јурисдикција на соседни политичари. Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, судот ќе реши дали има основа за негово проследување. А одлуките на уставните судови и во Бугарија и во РС Македонија се конечни и извршни и не се коментираат, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Писмото од Софија е последица на неодговорните политики на владата, вели опозицијата.
Инаку, според Георгиев проблемот за статус-кво во преговорите на РС Македонија со ЕУ е тоа што земјата „чека“, наместо да „ работи “. Во документот се ставени фразите за спроведување во добра волја кои стојат на неколку места во заклучоците на Советот на ЕУ, се повикува на Договорот за Добрососедство и членот 12, за чија имплементација, Георгиев вели дека Комисијата ќе посвети посебно внимание според став 47 од Преговарачката рамка
Ставот на Софија, како што вели Георгиев, писмено му го соопштил и на министерот Тимчо Муцунски.
Подготвено од М.Д.