1758046033741-1068x712

17.09.2025 Скопје

Блокадата на раскрсницата кај мостот „Близнак“ и паркот „Авионче“ продолжуваат секој ден од 18 до 19 часот, сѐ додека не се реши целосно загадувањето во Скопје – велат од граѓанската иницијатива Стоп за Вардариште.

Скопје со денови се дави во отрови. Не е само Вардариште – и Дрисла се вклучи во ова труење. Чадот и канцерогените честички не останаа во еден дел, туку се раширија низ целиот град. Вакво загадување од масовни размери – досега немало. Ова не е проблем на неколку општини – цело Скопје дише ист отров. Затоа борбата мора да биде заедничка. Излези на блокада. Барај одговорност – истакнуваат од Стоп за Вардариште.

Нивните барања се: Итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата; Континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења; Поставување ограда околу целата депонија; Поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7; Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди; Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста; Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.

Подготвено од М.Д.

About Author