AA1Nd1qB

26.09.2025 Скопје

Острите критики на Доналд Трамп кон Обединетите нации (ОН) и нивната улога за време на неговото обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк во вторникот, како и кон НАТО, односно кон либералните европски лидери за низа нивни политики поврзани со миграцијата, признавањето на палестинската државност и во односите со Русија, привлекоа големо внимание, уште еднаш потсетувајќи на цврстите суверенистички ставови на американскиот претседател.

Трамп стапна на говорницата во Генералното собрание на ОН за првпат по шест години за целосен напад врз светското тело, кое го опиша како несигурна, корумпирана и штетна глобална сила што треба да го следи примерот на неговото сопствено водство.

И пред обраќањето на Трамп на Генералното собрание на ОН, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, вети дека тоа ќе биде „еден од неговите најголеми говори за надворешна политика досега“ и дека „светот ќе види како изгледа американската сила“. Ливит тврдеше дека обраќањето на претседателот ќе „ја артикулира неговата директна и конструктивна визија за светот“.

Која е целта на Обединетите нации, запраша Трамп, давајќи свое видување за улогата на глобалната организација.
– Се чини дека сè што прават ОН е пишување навистина силно формулирано писмо, а потоа никогаш не го следат тоа писмо. Тоа се празни зборови, а празните зборови не решаваат војни – истакна американскиот претседател.

Трамп исто така ги обвини земјите членки на НАТО за лицемерство затоа што купуваат нафта и гас од Москва „кога се борат против Русија“. Осврнувајќи се кон војната во Украина, американскиот претседател рече дека мислел дека тоа ќе биде „најлесниот“ конфликт за решавање поради неговиот однос со рускиот претседател Владимир Путин. Наместо тоа, посочи Трамп, војната трае веќе три години.

Tрамп ја критикуваше и одлуката на неколку земји да признаат палестинска државност, тврдејќи дека тоа служи како „награда“ за Хамас.
– Како да охрабри континуиран конфликт, дел од ова тело се обидува еднострано да признае палестинска држава. Наградите би биле преголеми за терористите на Хамас за нивните злосторства. Ова би било награда за овие ужасни злосторства, вклучувајќи и за 7 октомври – нагласи Трамп, додавајќи дека бил „длабоко ангажиран“ во обидот да се обезбеди прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, при што инсистираше дека сака сите заложници да бидат ослободени.

Американскиот лидер го нарече Иран „спонзор број еден на тероризмот“, тврдејќи дека неговите капацитети за збогатување ураниум се „целосно уништени“ и дека неговата администрација посредувала за крај на 12-дневната војна со Израел.

Во провокативен говор Трамп ги повика земјите да ги затворат своите граници и да ги протераат странците, обвинувајќи ги ОН дека водат „глобалистичка агенда за миграција“, при што им рече на националните лидери дека светското тело „финансира напад врз нивните земји“.

Време е да му се стави крај на неуспешниот експеримент со отворени граници“, потенцира Трамп во говорот пред светските лидери и делегациите во посета во големата сала на Генералното собрание во центарот на Менхетн.

Директно обраќајќи им се со остри термини на европските лидери, тој ги обвини дека „го уништуваат нивното наследство“ и дека дозволуваат меѓународна миграција поради погрешно поставена „политичка коректност“.

Американскиот претседател Трамп исто така ги нападна иницијативите за зелена енергија како прераспределба на производствената моќ од развиениот свет кон „земјите што загадуваат, кои ги кршат правилата и заработуваат богатство“.

Осудувајќи го Парискиот договор за климата што го напушти за време на својот прв мандат, Трамп ги нарече климатските промени „измама“ и ги исмеваше обновливите извори на енергија како што се ветерните фарми како производ на „агендата за зелена енергија“, што ги донесе земјите на „работ на уништување“.
– Според мене, тоа е најголемата измама што некогаш е извршена врз светот. Сите овие предвидувања направени од Обединетите нации и многу други, честопати од лоши причини, беа погрешни – кажа Трамп.

По неговиот говор, американскиот претседател изрази верување дека неговите зборови биле „многу добро примени“.

Подготвено од М.Д.

About Author