17.09.2025 Скопје
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, го поздрави започнувањето на четвртиот кластер поглавја на шестата меѓувладина конференција Албанија-ЕУ, која се одржа во Брисел, оценувајќи го тоа како значаен чекор напред кон целосно членство на Албанија во Европската Унија.
Шефот на државата изрази уверување дека со ова динамично темпо на прогрес, отворањето на сите преговарачки поглавја со ЕУ ќе биде завршено во текот на оваа година.
“Уште еден многу важен чекор во процесот за полноправно членство во Европа. Денеска Албанија ги отвори преговорите за Групата поглавја 4: Зелена агенда и одржлива поврзаност.”
“Со ова темпо, Албанија е на добар пат да ја постигне својата цел за отворање на сите поглавја од преговорите во текот на годинава,” објави Бегај на Фејсбук.
Кластерот 4 – Зелена агенда и одржлива поврзаност, ги опфаќа поглавјата 14 (транспортна политика), 15 (енергија), 21 (трансевропски мрежи) и 27 (животната средина и климатските промени).
Од октомври минатата година до мај оваа година, Албанија отвори четири кластери – 1 (фундаментални), 2 (внатрешен пазар), 3 (конкурентност и инклузивен раст) и 6 (надворешна политика).
Тоа подразбира дека за само осум месеци таа отворила 27 преговарачки поглавја.
Единствениот кластер кој останува неотворен е Кластерот 5, кој се занимава со ресурси, земјоделство и кохезија, а кој, според информациите од медиумите, треба да биде отворен на 2 октомври.
Подготвено од М.Д.