04.09.2025 Скопје
Севкупно 70 отсто од македонските граѓани го поддржуваат приемот на државата во Европската Унија, а од зачленувањето очекуваат предности како што се отворени граници, слободна трговија и подобрен животен стандард, покажуваат наодите од последното истражување на Евробарометар посветено на процесот на експанзија на ЕУ.
На прашањето: “Кога сметаат дека Република Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ?”, 27 проценти одговориле “во следните пет години”, 35 отсто “за пет до 15 години”, а 16 проценти дека “ќе бидат потребни повеќе од 15 години, но ќе се стане”.
Ист процент, 16, сметаат дека “државата никогаш нема да стане земја членка на ЕУ”, а шест проценти изјавиле дека не знаат.
Во однос на ставот кон ЕУ, 23 отсто од жителите на државава имаат “многу позитивна” слика за Унијата, 42 проценти “прилично позитивна”, 20 отсто “неутрална”, 10 проценти “негативна”, а четири проценти “многу негативна”. Еден процент од испитаниците немаат мислење.
Дури 90 отсто од анкетираните изјавиле дека “се добро” или “делумно” информирани за процесот на интеграција на државата во ЕУ, а 70 проценти дека членството во ЕУ би донело повеќе бенефити отколку недостатоци за државата.
Како бенефити од членството во ЕУ, 48 отсто од македонските граѓани ги сметаат отворените граници и можноста за патување во останатите земји од Унијата без визи, 43 проценти слободната трговија и зоната без царина, а 42 проценти поквалитетниот живот и повисокиот животен стандард.
За 44 отсто од граѓаните на државава најголема грижа во врска со членството во ЕУ предизвикува одливот на млади и миграцијата, за 20 проценти зголемувањето на бирократија, а за 17 отсто преголемиот број европски регулативи и ограничувањето на националната слобода.
Основна пречка за пристапувањето на државава кон ЕУ според 41 отсто од испитаните македонски државјани е “широко распространетата корупција”, за 38 проценти “недостигот на владеењето на правото и неадекватното судство”, а за 37 отсто “несогласувањето на одредени земји членки”.
Според истражувањето, 51 отсто од македонските државјани сметаат дека поддршка за економскиот раст на државата би придонел за понаклонет став на граѓаните кон ЕУ, а по 45 проценти оценуваат дека најголем придонес за тоа би имале поддршката за побрз процес на интеграција на државата во Унијата и поддршката на напорите за намалување на корупцијата.
Во однос на тоа во кои домени ЕУ треба да игра поголема улога во обезбедувањето поддршка на државава, 39 отсто од граѓаните сметаат дека тоа треба да се економскиот развој и трговијата, 32 проценти – здравството, а 24 отсто – помошта на младите.
Доверба кон ЕУ, според Евробарометар, изразуваат 75 отсто од македонските граѓани, што е пониско од довербата кон Светската Банка и ММФ кои изнесуваат 79, односно 76 проценти, но повисоко од довербата кон НАТО, која е 73 отсто.
Во однос на финансиската помош од ЕУ за државава, 93 отсто од анкетираните изјавиле дека се запознаени со неа, 85 проценти сметаат дека таа помош е “голема или умерена”, 46 отсто оценуваат дека Унијата пружа “најзначајна финансиска поддршка на државата”, а 53 проценти дека таа помош е ефикасна.
Во извештајот од истражувањето на Евробарометар се нагласува дека во државите кандидати за членство генерално преовладува голем ентузијазам за пристапување во ЕУ, но тој истовремено е под влијание на специфични економски и геополитички предизвици на секоја земја.
Според резултатите од истражувањето, мнозинството жители на земјите од Западен Балкан го поддржуваат зачленувањето на нивните држави во ЕУ, со исклучок на Србија каде поддршката за пристапување кон блокот е најниска во регионот и изнесува 33 отсто. Најголема поддршка за членство во ЕУ има во Албанија од 91 отсто. Значајна поддршка за членство на нивните држави во ЕУ искажуваат и жителите на Грузија од 74 и на Украина од 68 проценти.
Кога станува збор за имиџот на ЕУ, во земјите од Западен Балкан доминира позитивна слика за Унијата, а граѓаните ја ценат европската помош за економскиот развој и заложбите за борба против корупцијата. Највисока позитивна оценка за ЕУ се бележи во Албанија од 82 отсто, а најниска во Србија од 38 проценти. Во однос на земјите од т.н. Источното соседство на ЕУ, најпозитивна слика за Унијата има во Молдавија од 55 отсто, пред Украина со 49 и Грузија со 43 проценти.
Главен предизвик, според Евробарометар, претставува ниското ниво на свест за Европската Унија и политиката на проширување во сите земји кандидатки и потенцијални кандидати за членство, а значителен дел од граѓаните изјавиле дека се чувствуваат недоволно информирани. “Најдобро информирани” се жителите на Молдавија и на Црна Гора, каде 48, односно 39 отсто од анкетираните изјавиле дека се “добро” или “многу добро” информирани. Спротивно на ова, “најслабо информирани” се Украинците и Србите, каде таа стапка изнесува 23, односно 20 проценти.
Кога станува збор за Турција, поддршката за членство на земјата во ЕУ изнесува 49,9 отсто, позитивен став за Унијата имаат 50,7 проценти, а добро информирани за блокот и неговите политики се 40,6 отсто од турските граѓани. Турците како главни пречки за пристапот на нивната земја ги посочуваат недостигот на политичка волја, слабостите во владеењето на правото и широко распространетата корупција.
На ниво на ЕУ, поддршка за пристапувањето изразуваат 56 отсто од европските граѓани, а таа е особено висока меѓу лицата на возраст од 15 до 39 години веруваат, каде достигнува до две третини.
Генерално, граѓаните на ЕУ го поддржуваат проширувањето и сметаат дека кандидатите за членство треба да му се приклучат на блокот кога ќе ги исполнат потребните услови, посебно оние поврзани со почитување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на основните права, а 56 отсто од нив оценуваат дека нивната држава би имала корист од приемот на нови членки. Сепак, дел од анкетираните Европејци изразуваат загриженост од миграцијата, корупцијата, криминалот и финансиските трошоци од процесот на проширување. Во однос на информираноста, 67 отсто од граѓаните на ЕУ изјавиле дека не се чувствуваат добро информирани за процесот на проширувањето.
Според еврокомесарката за проширување Марта Кос, резултатите од истражувањето покажуваат дека граѓаните на ЕУ, а особено помладите луѓе, го поддржуваат проширувањето. “Евробарометарот испраќа уште една јасна порака: луѓето сакаат кредибилен процес базиран на вредности, воден од вистински реформи. Заедно со земјите членки ќе се ангажираме директно со граѓаните, ќе се осврнеме на нивните загрижености и ќе покажеме како проширувањето носи мир, просперитет и пообединета Европа”, порача Кос.
Со истражувањето за поддршката на процесот на проширување на ЕУ биле опфатени сите 27 земји членки на Унијата, како и државите кандидати и потенцијални кандидати за членство.
Подготвено од М.Д.