00000001-2153-660x500

29.08.2025 Скопје

Во знак на протест поради измените во законската регулатива за дисциплинска постапка за државните службеници, кои треба да бидат усвоени во грчкиот Парламент, Конфедерацијата на синдикати на државните службеници (АДЕДИ) денес започна 24-часовен прекин на работата.

Од АДЕДИ нагласија дека новиот закон ги нарушува работничките права и инсистираат на негово итно откажување, а преку штрајкот ја демонстрираат нивната спротивставеност на, како што велат, „обидот за криминализација на синдикалното, општественото и граѓанското дејствување, изедначувањето со општи кривични дела, укинувањето на второстепениот дисциплински совет и правото на жалба, како и екстремно големите казни“.

Во штрајкот, инициран од нивните синдикати, се очекува да се приклучат и медицинските лица, вработените во општините, учителите, професорите и други.

Иако првично, Здружението на контролори на летање на Грција повика на четиричасовен прекин на работата и приклучување кон штрајкот, вчера Основниот суд во Атина ја прогласи најавената пауза во работата за нелегална, што значи дека авионскиот сообраќај ќе функционира без проблеми.

Бродовите, траектите, возовите и јавниот транспорт ќе работат според вообичаениот распоред. Како дел од штрајкот, закажан е и протест на плоштадот Синтагма во 10 часот.

Подготвено од М.Д.

About Author