1024-768-trotinetka

06.08.2025 Скопје

Електричните тротинети можеби се практични, но не се безбедно средство за транспорт. Минатата година во Германија имаше драматично зголемување на несреќите со повреди и смртни случаи.

Бројот на несреќи со повреди и смртни случаи со електрични тротинети во Германија драматично се зголеми минатата година.

Пријавени се 11.944 инциденти, или 26,7 проценти повеќе од претходната година. Имаше 27 смртни случаи, пет повеќе отколку во 2023 година. Речиси сите повредени и сите смртни случаи беа возачи на тротинети.

Младите луѓе најчесто се вклучени во несреќи со електрични тротинети – речиси секоја втора вклучуваше некој под 25 години, а во 82 проценти од случаите некој под 45 години.

Сите овие инциденти имаат многу причини, но алкохолот е меѓу водечките. Имено, еден од осум возачи, 12,4 проценти, биле под дејство на алкохол. За споредба, процентот кај велосипедистите е 7,8 проценти, а кај возачите на мопеди и електрични велосипеди 5,9 проценти.

И покрај големиот скок, електричните тротинети сè уште се вклучени во релативно мал број сообраќајни несреќи. Од вкупно 290.701 минатата година, тротинетите биле вклучени во 4,1 процент.

Подготвено од М.Д.

About Author