08.08.2025 Скопје
Победниците на тениското Отворено првенство на САД во машка и во женска конкуренција ќе добијат по пет милиони долари (3,7 милиони фунти) како дел од вкупниот награден фонд од 90 милиони долари (67,4 милиони фунти), за кој од турнирот велат дека е „најголемиот фонд во историјата на тенисот“.
Сумата за евентуалните шампиони во поединечна конкуренција е зголемена за 39 отсто во однос на 2024 година, кога изнесуваше 3,6 милиони долари (2,8 милиони фунти), а вкупниот фонд е зголемен за 20 проценти во однос на 75-те милиони долари (57,8 милиони фунти) доделени минатата година.
За споредба, вкупниот награден фонд на Вимблдон годинава изнесуваше 53,5 милиони фунти, а победниците во машка и во женска конкуренција добија по три милиони фунти. Играчите што ќе бидат елиминирани во првото коло на Отвореното првенство на САД ќе добијат по 110.000 долари (82.400 фунти), што е зголемување од 10 отсто.
Порано годинава, првите 20 тенисери и тенисерки испратија писмо до четирите гранслем-турнири барајќи поголем дел од приходите генерирани од големите турнири.
САД опен направи намерен и координиран напор за да обезбеди двоцифрено зголемување на процентот од 2024 година во сите рунди на сите настани за сите играчи, а во исто време значително да го зголеми процентот на награден фонд за тие што играат до доцна на турнирот во поединечна конкуренција – пишува во соопштението од организаторите на турнирот.
Наградниот фонд во машки и во женски двојки на САД опен годинава ќе биде 4,78 милиони долари, што е зголемување од 23 проценти од лани. Турнирот соопшти дека „првпат досега“ победниците во машките двојки, женските двојки и во мешаните двојки ќе добијат по еден милион долари како награден фонд по тим, а, исто така, ќе обезбеди пет милиони долари за покривање на трошоците, вклучувајќи патни и други трошоци за играчите во главната ждрепка, а наградниот фонд за квалификациските турнири за мажи и за жени ќе се зголеми за 10 отсто, на осум милиони долари.
САД опен годинава на програмата е од 24 август до 7 септември.
Подготвено од М.Д.