26.08.2025 Скопје
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска заедно со министрите за финансии и економија на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија во Загреб потпишаа Меморандум за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал.
Оваа иницијатива има за цел поттикнување на заедничкиот развој на националните пазари на капитал на земјите учеснички преку поблиска соработка и усогласување на регулаторните рамки, со крајна цел зголемување на ликвидноста и создавање посилни, повидливи, поефикасни и поконкурентни пазари на капитал. Со искористување на целиот потенцијал на пазарите на капитал и поширокиот финансиски сектор, земјите учеснички настојуваат да ги зајакнат своите економии и да ја продлабочат соработката, соопшти Министерството за финансии.
Кон крајот на 2024 година берзите во Братислава, Букурешт, Будимпешта, Љубљана, Скопје, Софија, Варшава и Загреб, потпишаа Меморандум за разбирање со цел зајакнување на соработката и интеграцијата на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа, со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која континуирано го поддржува овој процес, односно иницијатива.
Од МФ посочуаваат дека земјите кои денеска учествувале на потпишување на Меморандумот го потврдиле постоењето на заедничка политичка волја и визија насочена кон јакнење, поголема ефикасност и конкурентност на пазарите на капитал во земјите од Централна и Југоисточна Европа.
На тој начин, истакнуваат, се потврдува определбата за соработка со акцент на развојот на пазарите на капитал и преземање на потребните чекори за јакнење на капацитетите на пазарите на земјите од Централна и Југоисточна Европа за финансирање, поттикнување инвестиции и промовирање на одржлив економски раст.
Меморандумот е исто така усогласен со целите на Европската Унија, особено со нејзината Стратегија за унија на штедење и инвестирање, чија цел е насочување на заштедите на домаќинствата и приватниот капитал кон пазарите на капитал за да се поттикнат инвестициите, особено во малите и средни претпријатија, да се подобрат прекуграничните текови на капитал и да се изгради подлабок, поликвиден и поотпорен пазар на капитал во рамките на Европската Унија, информира Министерството за финансии.
Подготвено од М.Д.