05.08.2025 Скопје
На Дојранското и на Преспанското Езеро им се заканува еколошка катастрофа. Мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека нашето најмало природно езеро, Дојранското, веќе цела година е со ниво на водата од околу 80 сантиметри под дозволениот минимум. Дека се празни езерото, видливо е по тоа што се повлекува водата. Ако до пред неколку години водата беше до кејот и шеталиштето, сега е десетина метри повнатре, што им создава проблеми и на капачите како да се искапат и на угостителите како да ги уредат плажите.
Дојранци се загрижени за состојбата со езерото и не сакаат да помислат на некои дамнешни времиња, кога личеше на бара. Во 2002 година беше решен проблемот откако од бунарите кај селото Ѓавато со десет пумпи се вадеше вода и се дотураше во езерото. Оттогаш, сè до пред три години, езерото доживеа преродба, но почнаа проблемите со пумпите. Некои се расипаа, а потоа беа исклучени поради неплатени сметки за потрошена електрична енергија. Лани, министерот за животна средина, Изет Меџити, замина во Дојран за да пушти три репарирани пумпи од десетте, но по еден месец, поради дотраеност, две престанаа да работат. Пред некој ден, се расипа и последната функционална пумпа и каналот по кој се слева водата во езерото остана сув и запуштен.
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, вели дека состојбата со цевководот е загрижувачка. Вели дека во моментов не тече вода од цевководот во езерото и дека се намалува нивото на водата, но дека тоа се должи на испарувањето на водата. Тој апелира до надлежните да интервенираат и што побрзо да се пушти системот „Ѓавато“ во функција.
Од Владата и од Министерството за животна средина велат дека се информирани за состојбата со Дојранското Езеро и велат дека е потребна рехабилитација на системот, кој го опфаќа и каналот. Во тек е проект за одржливост на акумулацијата „Паљурци“, каде што се анализира и потребата од рехабилитација и обновување на хидросистемот „Дојранско Езеро“ и колку би чинело тоа.
И Преспанското Езеро се соочува со драматично опаѓање на нивото на водата, со загрозување на биодиверзитетот и со сериозни знаци на еколошки колапс. Нивото на езерото драматично опаѓа, животинскиот и растителниот свет се доведени до истребување, а институциите – молчат.
Ова е време за итна акција, за научно засновани решенија и за борба за спас на езерото, кое е природен бисер од светско значење. Да потсетиме дека и Охридското Езеро е пред еколошка катастрофа ако не го зачуваме Преспанското.
Подготвено од М.Д.