davkova-SVP

22.08.2025 Скопје

Поетите го менувале и сѐ уште можат да го менуваат светот, градејќи вечни поетски мостови од неуништливи материјали: мислата и зборот, проткаени со ум и чувства, заклучи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, прогласувајќи ги за отворени 64-те Струшки вечери на поезијата.

Во обраќањето на манифестацијата, чиј годинашен покровител е, пред поетите, но и бројните критичари, преведувачи, литературни соработници и љубители на поезијата, од, како што рече, македонската и светска престолнина на поезијата, изрази надеж дека по 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, Струга, но и светот ќе бидат поинакви.

Според неа, живиот збор беше и остана моќно и делотворно оружје.

Речта може да нѐ соочи со вистината, да ни ја разбуди совеста, да ни ја поттикне хуманоста, да ни ги исцели раните, да ни ја ослободи имагинацијата, а со тоа, поттикнувајќи активност, да ја промени реалноста. Живиот збор, поетскиот збор, учи, преобразува. Во него лежи и од него извира силата на поетската република, на Струшките вечери на поезијата, нагласи претседателката на државата.

За оние кои не веруваат во силата на зборот, ги потсети дека на почетокот беше речта, а потоа забранетите книги.

Меѓу нив е и АБЕЦЕДАРОТ, издаден во 1925 година, пред 100 години, во Атина, под притисок на Лигата на народите, којшто бил веднаш запленет и уништен, токму поради моќта на зборовите да го оживеат македонскиот јазик и идентитет кај децата – Македонци. Или, сетете се на браќата Миладиновци, но и на другите преродбеници, коишто самопрегорно ги собирале и ги запишувале народните зборови, песни, обичаи, гатанки и приказни за да ги зачуваат од заборав и исчезнување. Ако зборовите немаат моќ, зошто моќниците од секоја историска епоха се обидувале да ги контролираат нив и нивните творци, од Овидиј, па до Лорка, подвлече Сиљановска-Давкова.

Струшката поетска приказна, според неа, е најдобриот пример и модел на Делчевиот културен натпревар меѓу народите, особено, како што потенцира, актуелен во ова ужасно конфликтно и воено време.

Претседателката се наврати на историјатот на содзавање на Струшките вечери на поезијата во далечната 1961 година, кога група македонски поети се собрале во Струга, за да ја одбележат 100-годишнината од објавувањето на Зборникот на браќата Миладиновци. Покрај традиционалните настани, го поздрави и враќањето на најважните белези на Струшките вечери на поезијата: читањето кај споменикот на „Свети Климент“ во Охрид, поетското пловење и рецитирање во Свети Наум и поетското матине во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“.

Струга и Струшките вечери на поезијата, за министерот за култура и туризам Зоран Љутков, се место каде што времето се смирува, а минатото и сегашноста се спојуваат во ритамот на поетскиот збор.

Тоа е срцето што чука низ реченици, гласот на светот што одекнува на сите јазици, без разлика на боја, вера, јазик или потекло. Тука, покрај Дрим, поетите не се гости, туку домаќини, а стиховите не се странци, туку браќа што се препознаваат меѓу себе. И секоја година фестивалот сведочи дека поезијата е вечна, а зборот најмоќниот мост меѓу луѓето, културите и времињата, истакна Љутков.

Манифестацијата почна со палење на Фестивалскиот оган и читање на антологиската Т`га за југ на Константин Миладинов, а продолжува со Меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.

Во духот на традицијата, претпладнево во Паркот на поезијата беше засадено дрвце во чест на добитникот на Златен Венец, Иван Штрпка.

Подготвено од М.Д.

About Author