27.08.2025 Скопје
Пленумот на Филозофскиот факултет во Белград денес објави дека ја отфрла идејата за преодна влада како решение за деветмесечната криза, наведувајќи дека тоа би значело нејзино решавање зад грбот на бунтовниот народ, преку договор меѓу актери со себични интереси, додека режимот се справува со граѓаните преку репресија.
„Барањето на студентите за парламентарни избори произлезе како резултат на недостатокот на политичка волја од страна на властите да ги исполнат барањата на студентите. Тоа се заснова на верувањето дека е потребно да се врати суверенитетот во рацете на сите граѓани“, се наведува во соопштението објавено на социјалните мрежи.
Студентите рекоа дека ја добиле поддршката од граѓаните застапувајќи ја идејата дека само преку демократија може да се обезбеди ослободување и независно работење на сите институции. Тие изјавија дека пленумот на 7 април предупредил за „опасноста од експертска влада“, која ја гледаат како „обид за пасивизација на народот и студентскиот бунт“.
Времето покажа дека бевме во право што се спротивставивме на експертската влада. Секој пат кога народот покажува оправдан гнев, се појавува начин да се неутрализира во форма на преодна влада, која ќе ја реши кризата без волјата на народот и промена на системот. Нашата позиција е јасна – целиот систем е скапан и мора да се промени, се додава во соопштението.
Студентите веруваат дека преодната влада, чиј најгласен застапник, како што наведоа, е претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, би бил „обид за измама“, бидејќи нејзините одлуки би зависеле од поддршката на владејачкото мнозинство во парламентот.
Тоа би легитимирало режим кој ја изгубил довербата на народот. Неговото формирање не би претставувало механизам за враќање на демократскиот мандат на народот, туку обид за смирување. Затоа, постои само едно решение за кризата – распишување предвремени парламентарни избори, рекоа студентите.
Подготвено од М.Д.