zelenski

13.08.2025 Скопје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа за време на разговор со новинарите изјави дека неговиот план за завршување на војната има три точки: прво прекин на огнот, потоа преговори со посредство на САД и конечно јасни безбедносни гаранции.

„Мојот план не е толку комплициран. Многу е едноставен: прекин на огнот, потоа мора да разговараме и да го решиме проблемот со посредство на САД и (конечно) мора да имаме јасни безбедносни гаранции, односно кој е во можност да гарантира и што? На пример, што е во можност да гарантира Европа, што е во можност да гарантира САД, што е во можност да гарантира Русија. Мора да има координиран став“, нагласи Зеленски.

Зеленски потврди дека за денес, 13 август, се планирани широки преговори со европските лидери и претставниците на САД.

„Утре ќе разговараме со Европејците и американската страна и сигурно ќе им пренесам дека ваквите чувствителни прашања за Украина мора да се дискутираат во присуство на Украина“, нагласи претседателот Зеленски и рече дека Европа мора да биде присутна во претстојниот процес на преговори.

„За мене, присуството на Европа во една или друга форма е многу важно, бидејќи на крајот на краиштата, никој, освен Европа, не ни дава безбедносни гаранции. Дури и во финансиска смисла, односно гаранции за финансирање на потребите на нашата армија, што е исто така безбедносна гаранција“, рече Зеленски.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот лидер, Владимир Путин, ќе се сретнат во Алјаска на 15 август, каде што ќе разговараат за запирање на руско-украинската војна.

Подготвено од М.Д.

About Author