11.08.2025 Скопје
Тешко е да се замисли летото без пиперки, зеленчук кој доаѓа во три главни бои и во многу повеќе сорти.
Освен по своите интересни и богати вкусови, пиперките се познати и по бројните здравствени придобивки кои ги нудат.
Пиперките се нискокалорични – само 20 калории на 100 грама – и содржат околу 89% вода. Меѓу витамините, најзастапен е витаминот Ц, но присутни се и витамини од групата Б, витамин Е, како и претходниците на витаминот А – бета каротен и криптоксантин. Од минералите, доминира калиумот, следен од фосфор и железо.
Средно голема црвена пиперка тежи околу 165 грама и обезбедува дури 170% од препорачаната дневна доза на витамин Ц. Тоа ја прави пиперката еден од најбогатите природни извори на овој есенцијален витамин, кој има клучна улога во зајакнување на имунитетот. Со 240 мг витамин Ц на 100 грама, што е 4–5 пати повеќе од кое било цитрусно овошје, пиперките помагаат и во апсорпција на нехемско железо – она од растителни извори како грав, леќа, лиснат зеленчук, житарки или дури самите пиперки (една содржи помалку од 1 мг железо, додека дневните потреби се од 8 до 18 мг).
Средно голема бабура обезбедува 14% од дневната потреба за фолна киселина (витамин Б9), кој е особено важен за време на бременоста. Исто така, таа содржи и 234 микрограми витамин А – значителна количина, имајќи предвид дека дневните потреби за возрасни се 700–900 микрограми (1300 за доилки). Витаминот А е важен за здрав имунолошки систем, кожа и вид. Истражувањата покажуваат дека зеаксантинот – каротеноид присутен во портокаловите и црвените пиперки – може да помогне во спречување на макуларна дегенерација.
Голема црвена пиперка содржи 346 мг калиум, што е околу 10% од дневната потреба. И другите видови се добар извор на овој минерал, а лутите сорти како серано и халапењо имаат дури двојно повеќе. Калиумот е неопходен за здраво срце, регулирање на крвниот притисок и намалување на задржувањето вода.
Иако не се многу богати со растителни влакна (само околу 2%), пиперките сепак можат да помогнат при варењето.
Пиперките, без оглед на бојата, се богати со витамин Ц, бета каротен, ликопен и други антиоксиданти. Тие помагаат во заштитата на телото од слободни радикали – штетни соединенија што се создаваат поради загадување, сонце или пушење, и придонесуваат за здрава кожа, спречување на брчки, сувост и губење на еластичноста.
Иако бабурите се благи и често се користат во исхраната, не треба да се претерува. Како дел од семејството „Solanaceae“ (како компирите, модрите патлиџани и доматите), содржат алкалоиди кои можат да предизвикаат нетолеранција. Кај некои луѓе, само неколку залаци може да предизвикаат дигестивни проблеми или воспаленија. Затоа, се препорачува максимум една пиперка дневно – и консултација со лекар или нутриционист доколку се појават симптоми.
Најчесто се среќаваат зелени, жолти и црвени пиперки. Тие ја претставуваат фазата на зрелост на плодот. Други, поретки бои се бела, виолетова, кафеава… Зелените се берат најрано, се најмалку слатки и имаат горчливкаст вкус. Жолтите се послаки, а црвените, најзрели и најслатки и имаат вкус што повеќе потсетува на овошје.
Бабурите се единствените членови од родот Capsicum кои не содржат капсаицин – состојката што предизвикува лутина. Затоа тие имаат 0 поени на „Scoville“ скалата. Другите видови содржат капсаицин кој, покрај тоа што го дава пикантниот вкус, има и здравствени придобивки, ублажување на болка, намалување на воспаление и заштита на клетките.
Подготвено од М.Д.