01.08.2025 Скопје
Европската Унија додели милиони евра за поддршка на граѓаните за време на енергетската криза, а јавноста и денес не знае како точно се потрошени овие пари. Наместо како директна помош за домаќинствата, дел од парите се слевале кон државната компанија ЕСМ, покажува истражувањето на граѓанската мрежа „Бенквоч“. Истовремено, на сметките се прикажуваа субвенции и до 90 отсто, а цената останувала иста.
Во текот на една година, претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ инкасирала 72 милиони евра европска помош за справување со енергетската криза – но каде точно завршиле тие пари, засега јавноста не знае, според новото истражување на граѓанската мрежа „Бенквоч“.
Станува збор за пари од Европската Унија добиени во рамки на Годишниот акциски план за енергетика кој Република Северна Македонија го потпиша на почетокот на 2023 година, а преку кој земјите од Западен Балкан добија парична помош од една милијарда евра.
Според Планот, парите требало да стигнат директно до граѓаните како субвенции за сметките за струја, особено до најранливите категории, но наместо тоа, дел завршиле во државната компанија АД Електрани на Република Северна Македонија (ЕСМ).
Субвенции на хартија, граѓаните плаќале иста цена
Дополнително, според Бенквоч спорно е тоа што, иако Владата тогаш тврдеше дека средствата се користат за субвенционирање на струјата, граѓаните и понатаму ги добивале истите сметки пресметани според тогашните тарифи на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Во тој период, сметките за струја содржеа табела во која Владата тврдеше дека преку ЕСМ субвенционира над 70 проценти, некогаш и до 90 проценти, од потрошената електрична енергија на граѓаните.
Подготвено од М.Д.