lekari-1024x682

11.08.2025 Скопје

Медицинските сестри, оние што некогаш беа ’рбетот на здравството, сè почесто ги гледаме само на фотографии од аеродроми. Со билет во еден правец.

„Гледај, јас не бегам од мојата земја… ама како да живеам со плата од 28.000 денари?“, вели Ана, млада медицинска сестра што пред два месеца замина за Хановер. „Таму, за истата работа, добивам трипати повеќе, имам слободни викенди и – слушај добро – ме почитуваат. Овде се чувствував како робинка во бела униформа“.

Во неформален разговор со лекар специјалист од источна Македонија дознаваме дека состојбата со медицински кадар во внатрешноста од земјава е уште пострашна.

„Има ноќи кога две сестри се грижат за 20-тина пациенти. Нема зборови за тоа чувство на беспомошност… И тоа не е само замор, туку ризик за секој човек во тие кревети“, вели нашиот соговорник.

Сите знаеме зошто заминуваат: плати што едвај стигнуваат до крај на месецот, работа со дотраена опрема, непресметлив број дежурства, нула можности за напредување. И нешто што не се мери во пари: чувство дека професијата овде не вреди колку таму.

А иронијата? Државата плаќа нивно школување. Четири години учат овде, на трошок на сите нас. И потоа – чекор по чекор, завршуваат во германски, австриски или швајцарски болници, каде нивното знаење е злато.

Некои предлагаат обврска за работа дома по дипломирањето – пет години, па потоа оди каде сакаш. Други велат: тоа е ограничување на слободата, а решението е едноставно – да се понудат услови за кои вреди да останеш.

„Сестрата е повеќе од медицински работник“, коментираат експертите. „Таа е прва што ќе те насмее кога ќе ти е тешко, последна што ќе те држи за рака пред операција. Ако ги изгубиме, не губиме кадар – губиме суштина“.

И ако ова продолжи, болниците нема да се затворат од немаштија, туку од тишина. А тишината, кога станува збор за здравство, знаете што значи…

Подготвено од М.Д.

About Author