27.08.2025 Скопје
Скопје во моментов не е подготвено да ги направи уставните измени што ги бара Софија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање, нагласува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во интервју дадено за време на неговата посета на Брисел.
„Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?“, истакна Муцунски, осврнувајќи се на процесот на европска интеграција на земјава.
Тој нагласи дека Република Северна Македонија е подготвена и веќе работи на сите други неопходни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството.
„Ако утре земјите членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – тоа го разбираме. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска“, вели Муцунски.
Во интервјуто тој се осврна и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан.
„Најбрзата, а веројатно и најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што побргу да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција“, изјави Муцунски.
Тој потсети дека Република Северна Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, a нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство. Шефот на дипломатијата изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно.
„Слушаме за скептицизам кон проширувањето. Но, Република Северна Македонија – културно, социјално и политички – е европско општество. Доколку ги направиме реформите како што треба, не верувам дека ќе има силен отпор за проширувањето на нашиот регион“, истакна Муцунски.
Покрај темите поврзани со ЕУ-членството, Муцунски во интервјуто зборува и за поддршката што Република Северна Македонија ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочува и дека Република Северна Македонија беше првата земја од регионот што потпиша безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.
Подготвено од М.Д.