ekonomski-fakultet

21.08.2025 Скопје

Што констатираат странските институции УНЕСКО, ОЕЦД и Евростат за македонското образование? Тие констатираат дека наставните програми не се соодветно приспособени за дипломираните студенти да стекнат потребни вештини за да одговараат на пазарот на побарувачка на работна сила.

Во последните две децении се забележува забрзано проширување на системот за високото образование во земјата. Во 2017 година имало 22 високообразовни институции споредено со само пет во 2003/2004 година (УНЕСКО-ИБЕ). Тоа проширување на системот за високото образование продолжува и во 2021/2022 година. Така што Република Северна Македонија има 24 високообразовни институции.

Ширењето на понудата се отсликува во зголемената бруто-стапка на запишување, од 15 отсто во 1991година на над 40 отсто во 2015 година (УНЕСКО). Меѓутоа брзиот пораст не е придружен со значителна контрола на квалитетот. Програмите во високото образование се одликуваат со мала селективност. Сите ученици што ја положиле државната матура (со стапка од 94,3 отсто положена матура за 2017 година кај учениците од гимназиите) може да се запишат на факултет, а квотите за државно финансирање се особено високи. Брзото проширување на високото образование, во период кога резултатите на Република Северна Македонија на меѓународните оценувања се и понатаму многу ниски (меѓународни процени на образовниот систем ТАЛИС 2022, ПИСА 2022), укажува дека учениците се запишуваат на факултет со големи празнини во основните знаења и вештини и без компетенции што се неопходни за успешно напредување на ова ниво.

Исто така постои загриженост поради тоа што програмите во високото образование не ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот. Самиот податок укажува дека дипломираните студенти од високото образование во Република Северна Македонија е помалку веројатно да се вработат (55 отсто), Евростат, 2017, отколку студенти од високото образование во земјите на ЕУ (83 отсто), ОЕЦД, 2017.

Образложение за високата невработеност кај дипломираните студенти од високото образование се слабите вештини или вештините што не се совпаѓаат со потребите. Еден фактор што придонесува за тоа се ограничената разновидност во понудата на програми за високото образование и особено малиот број висококвалитетни технички опции во високото образование. Од таа причина, голем број ученици што завршиле средно стручно образование продолжуваат со изучување академски предмети во високото образование.

Во 2022 година јавната потрошувачка за образование и обуки изнесувала 3,7 отсто од БДП, што е приближно на просекот на државата од претходните пет години, но и под нивото на ЕУ (пет отсто).

Во услови на ваква бесмислена конкуренција во земја со толку мала популација, сосема е очекувано да дојде до драстичен пад на квалитетот на високото образование, на кој сведочиме сите, без особена потреба од експертска анализа за докажување на оваа теза.

Подготвено од М.Д.

About Author