27.08.2025 Скопје
Во секојдневните разговори на пазарите, по автобуските станици или меѓу соседите пред зградите, сè почесто се слуша истата реченица: „Платата не ни издржува до крајот на месецот“.
Тоа веќе не е фраза, туку сурова реалност за илјадници семејства во РС Македонија.
„Имам две деца, сопругот работи во приватна фирма, јас сум во трговија. Заедно земаме околу 65.000 денари месечно. Мислев дека ќе биде доволно – ама не е. Сметките, киријата, храната… само за пелени и млеко за најмалиот одат над 7.000 денари месечно. На крајот на месецот мора да позајмиме за да издржиме“, раскажува жител од Скопје.
Според последните податоци, синдикалната минимална кошница за четиричлено семејство во јуни годинава изнесува 65.507 денари. Во неа влегуваат основните трошоци за храна, сметки, превоз, облека и хигиена.
Истовремено, официјалната просечна нето плата е околу 45 500 денари, а минималната едвај ја надминува границата од 24.500 денари.
„Оваа бројка покажува јасна дискрепанца – граѓаните мора да најдат 15.000 денари повеќе секој месец за да ја покријат основната кошница. А тоа е невозможно без позајмици или кредити“, предупредуваат економските аналитичари.
На пазарите, каде луѓето најдиректно ја чувствуваат кризата, разговорите се речиси идентични.
„Порано одев еднаш неделно и полнев кеси. Сега одам почесто, ама носам по две-три најлончиња. Цените се ненормални, пара нема“, вели пензионер од Ѓорче Петров, кој купува само основни продукти – леб, млеко, зеленчук „што е поевтин тој ден“.
Според Државниот завод за статистика, храната и безалкохолните пијалаци се зголемени за повеќе од 14% во споредба со минатата година, а зеленчукот и овошјето дури и над 30%.
Но, не се жали само постарата генерација. Студентите кои изнајмуваат станови велат дека парите за кирија и за сметки ги тераат да живеат „на суво“.
„Работам на половина работно време, од родителите добивам помош, но кога ќе ја платам киријата, остануваат неколку илјади денари. За храна и книги – едвај“, раскажува студент од Битола кој студира во Скопје.
Агенциите за недвижности потврдуваат дека кириите во главниот град пораснале од 20 до 40% во последните две години. За еднособен стан во центарот, просечно се плаќа околу 350 евра, додека на периферијата цената ретко паѓа под 200 евра.
Она што сите сведоштва ги обединува е чувството на постојана несигурност. Никој не знае како ќе изгледа следниот месец.
Подготвено од М.Д.