14.08.2025 Скопје
Кина вчера им забрани на своите компании и граѓани да вршат какви било трансакции со литванските банки „Урбо Банкас“ и „Мано Банкас“, одмаздувајќи се на најновиот пакет санкции на Европската Унија против Русија, кој исто така погоди две кинески банки.
Пекинг, исто така, ја повика Европската Унија во соопштение да ги почитува односите со Кина, да ги исправи своите грешки и да престане да ги поткопува кинеските интереси.
Портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, изјави дека откако ЕУ формално ќе ги добие мерките на Кина, ќе „ја проучи ситуацијата детално пред да преземе понатамошни чекори“ и додаде дека Унијата останува отворена за „заемно прифатливо решение што би можело да доведе до укинување на санкциите“.
Директорите на двете литвански банки нагласија дека нивните институции немаат активни деловни врски со Кина, па затоа санкциите нема да влијаат на нивното секојдневно работење.
Европската Унија минатиот месец санкционираше две кинески банки и пет компании за обезбедување услуги за криптовалути за кои Брисел рече дека ја попречуваат ефикасноста на санкциите против Русија.
Литванија минатата година му дозволи на Тајван да отвори претставништво во земјата и протера тројца кинески дипломати, влошувајќи ги односите на балтичката земја со Пекинг.
Подготвено од М.Д.