25.08.2025 Скопје
Израелски воздушни напади ја погодија јеменската престолнина во неделата, само неколку дена откако бунтовниците Хути истрелаа ракета кон Израел, која воените власти ја опишаа како првата касетна бомба што била лансирана кон нив од 2023 година.
Хутите, поддржани од Иран, соопштија дека израелските напади погодиле повеќе делови од Сана, при што, според нивното Министерство за здравство, загинале најмалку 2 лица, а 35 биле повредени. Телевизијата „Ал-Масира“ извести дека била погодена нафтена компанија, а снимки на социјалните мрежи покажуваат голема огнена експлозија. Луѓето кои снимаат се обидуваат да избегаат во паника.
Израелската армија соопшти дека ги погодила електроцентралите Асар и Хизаз, нарекувајќи ги „значајни електроенергетски објекти за воени активности“, заедно со воен комплекс во кој е сместена претседателската палата.
Жители на Сана изјавиле за Асошиејтед прес дека слушнале експлозии во близина на затворена воена академија и на претседателската палата и дека виделе чад кај плоштадот Сабеин, централна локација во градот.
Звуците на експлозии беа многу силни – изјави Хусеин Мохамед, кој живее блиску до палатата.
Ахмед ал-Мехлафи изјавил дека силата на нападите ја разнишала неговата куќа и му ги скршила прозорците.
Хутите веќе 22 месеци испукуваат ракети и дронови кон Израел и врз бродови во Црвеното Море, велејќи дека тоа го прават во знак на солидарност со Палестинците во војната во Газа.
Заменикот шеф на медиумската канцеларија на Хутите, Насрудин Амер, изјави дека нивните напади нема да престанат.
Нашите воени операции во поддршка на Газа нема да запрат, ако Бог даде, сè додека не престане агресијата и не се укине опсадата – рече тој.
Израелските напади во неделата се први по една недела, кога Израел соопшти дека уништил енергетска инфраструктура што ја користеле бунтовниците. Овие најнови удари следат по петочната најава на Хутите дека лансирале нов тип ракета кон Израел, целејќи го аеродромот Бен Гурион. Израелската армија соопшти дека проектилот се распаднал во воздух по неколку пресретнувања.
Израелски воен претставник, кој побарал анонимност, изјавил дека станувало збор за касетна муниција – проектил што при удар се распарчува во повеќе експлозивни елементи, што отежнува пресретнување и претставува нова технологија добиена од Иран. Тој додаде дека во нападите во неделата учествувале повеќе од 10 израелски борбени авиони.
Подготвено од М.Д.